На три локации низ Скопје вчера нелегално биле исфрлени шут и кабаст отпад, Градот најави казни за сторителите
Инспекциските служби на Град Скопје вчеравечер затекнале и казниле несовесни граѓани кои нелегално исфрлале градежен шут и отпад на две локации во Аеродром и на улицата „Франклин Рузвелт“ во Центар, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
-Вечерва, на три локации во Скопје – две во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“, беа затекнати лица при нелегално исфрлање шут и отпад, со што директно се загрозуваат животната средина, здравјето на граѓаните и изгледот на нашиот град- напиша тој во објава на социјалните мрежи.

Ѓорѓиевски соопшти дека сторителите биле пронајдени и евидентирани, по што им било наложено веднаш да го подигнат отпадот од трите локации, а дополнително денеска треба да отидат во Град Скопје каде ќе им биде изречена парична казна.
-Сторителите се лоцирани, веднаш евидентирани и добија налог во текот на утрешниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им биде изречена соодветна глоба согласно законските прописи. Дополнително, наложено им е уште вечерва да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ. Доколку тоа не го сторат, ќе следуваат нови санкции- изјави градоначалникот.


