Во Германија повеќе од 5.000 смртни случаи по јунскиот топлотен бран
Околу 5.100 луѓе починаа во Германија од причини поврзани со горештините за време на топлотниот бран во јуни, покажуваат проценките на Институтот „Роберт Кох“, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Како што пренесе ДПА, државниот институт за јавно здравје на Германија ја објави оваа проценка во денешниот најнов неделен извештај за смртноста поврзана со високите температури.
Германија се соочи со неколкудневни рекордно високи температури на крајот на јуни, кои во одредени делови од земјата надминаа 40 Целзиусови степени.
Екстремните временски услови беа поврзани и со оштетувања на инфраструктурата. Искривувањето на патниот асфалт доведе до привремено затворање на некои автопатишта, додека железничкиот сообраќај во одредени области беше во прекин поради дефекти предизвикани од горештините.
Според Светската здравствена организација, јунскиот топлотен бран веќе се поврзува со околу 1.300 смртни случаи во Европа, додека други проценки достигнуваат и до 20.000.
Европските федерации на синдикатите за храна, туризам и градежништво спремија нацрт-директива за заштита од жештините, со која од работодавачите се бара паузи, сенки за работа на отворено, вода, разладување, но и прекин на работата доколку таа е интензивна и се одвива над 30 степени.


