Русија ги осуди одлуките на самитот на НАТО за помош и одбрана на Украина
Русија ги осуди одлуките донесени на самитот на НАТО во Турција, предупредувајќи дека тие би можеле да имаат катастрофални последици, откако алијансата најави нова воена помош за Украина и ја потврди својата посветеност на колективната одбрана.
Препорачано
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека приоритетите на НАТО остануваат непроменети.
„Тоа се милитаризација на европскиот континент, зајакнување на одбранбените капацитети, подготовки за вооружен конфликт со Русија и, секако, помош за Украина. Штета е што стратезите на НАТО не застанаа ни за момент и не размислија. Можеби тогаш немаше да донесат такви неодговорни одлуки што би можеле да доведат до катастрофа не само за алијансата, туку и за целиот свет“, рече Захарова во соопштение објавено на веб-страницата на министерството, објави Ројтерс.
На самитот, членките на НАТО ветија 70 милијарди евра воена помош за Украина до 2026 година. Во завршната декларација, тие ја потврдија својата „непоколеблива посветеност“ на принципот на колективна одбрана од член 5 од Северноатлантскиот договор и презентираа договори за набавка на оружје во вредност од најмалку 50 милијарди американски долари.
Захарова, исто така, потенцира дека „пукнатините“ меѓу САД и нивните сојузници во НАТО не исчезнале.
„Во такви околности, Американците не го кријат своето разочарување од Организацијата на Северноатлантскиот договор“, напиша таа.
Таа додаде дека прашањето за Гренланд не е решено во согласност со американските желби и дека во Вашингтон постои незадоволство бидејќи, како што веруваат, сојузниците не дале доволна поддршка кога на САД им била потребна.
Ќе го браниме секој сантиметар, Гренланд не е на продажба, порача данската премиерка
Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за Ројтерс изјави дека несогласувањата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и другите лидери на Алијансата ја покажуваат демократската сила на НАТО и треба да послужат како лекција за рускиот претседател Владимир Путин.
„Би му порачал на Путин: И вие треба поотворено да разговарате за работите меѓу себе“, изјави Руте за Ројтерс.


