Ќе го браниме секој сантиметар, Гренланд не е на продажба, порача данската премиерка
Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучувајќи го и Кралството Данска, нагласи данската премиерка Мете Фредериксен денеска на самитот во Анкара, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека „Гренланд треба да биде под контрола на САД“, пренесува Ројтерс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тврдењата на Трамп дека САД мора да го купат или контролираат Гренланд, полуавтономна данска територија, ги заострија односите меѓу Вашингтон и Копенхаген — две земји членки на НАТО, како и пошироките односи на САД со Европа.
„Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучително и нашата сопствена територија… Се разбира дека ќе го браниме Кралството Данска. Една од причините поради кои го создадовме НАТО пред многу, многу години е тоа што, ако му се случи нешто на еден од нас, тогаш сите треба да застанат еден зад друг“, нагласи таа, повторувајќи дека „Гренланд не е на продажба“.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен преку Фејсбук го отфрли најновото тврдење на Трамп.
„Повторените повици за преземање или контрола на нашата земја не менуваат ништо“, рече тој.
Нилсен исто така преку социјалните мрежи посочи дека Гренланд не е на продажба.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен одделно им изјави на новинарите во Анкара дека Данска сè уште води дипломатски преговори со Гренланд и САД. Исходот од тие разговори сè уште не е објавен.
„Имаме договор со американската администрација дека, во рамките на црвените линии на Кралството, ќе се обидеме да видиме дали можеме да најдеме решение кое истовремено ќе ги опфати легитимните безбедносни интереси на САД. Бидејќи тие интереси постојат, а ние ги споделуваме, и исто така одговараме на нив“, рече тој.
Расмусен изјави дека „цврсто“ верува оти е можно да се постигне договор што ќе ги задоволи Гренланд, Данска и САД, преку проширување на американско-данскиот одбранбен договор од 1951 година, кој на Вашингтон му дава широк пристап за воени активности на арктичкиот остров.
Нилсен во мај изјави дека зголемувањето на американското воено присуство на арктичката територија е дел од тековните преговори.
„Гренланд треба да биде под контрола на САД“, повтори Трамп пред самитот на НАТО


