„Мета“ се соочува со казна од 1,4 билиони долари ако се докаже дека Фејсбук и Инстаграм го нарушуваат менталното здравје на тинејџерите
Компанијата „Мета“ соопшти дека би можела да се соочи со казни во вкупен износ од дури 1,4 билиони долари доколку го загуби спорот во кој четири американски сојузни држави обвинуваат дека овој технолошки гигант преку Фејсбук и Инстаграм придонел за кризата со менталното здравје кај тинејџерите. Станува збор за износ кој е речиси еднаков на вкупната пазарна вредност на компанијата, пренесува Њујорк пост.
Препорачано
„Мета“ наведува дека до оваа проценка дошла врз основа на начинот на кој јавните обвинители на Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси ги пресметале потенцијалните казни доколку победат во постапката. Судскиот процес треба да започне на 18 август пред федерален суд во Оукленд, Калифорнија.
Адвокатите на компанијата оцениле дека казна од такви размери би била без преседан во историјата на спроведувањето на законите за заштита на потрошувачите, нарекувајќи ги барањата на сојузните држави „неосновани“ и „апсурдни“.
Тужбата ја покренаа вкупно 29 сојузни држави, кои ја обвинуваат „Мета“ за кршење на американскиот Закон за заштита на приватноста на децата на интернет (COPPA), тврдејќи дека компанијата собирала податоци од малолетни корисници без согласност од родителите. Дополнително, Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси ја обвинуваат компанијата дека ја доведувала јавноста во заблуда во врска со безбедноста на нејзините платформи.
Според наводите на обвинителите, Фејсбук и Инстаграм намерно биле дизајнирани така што создаваат зависност кај децата и адолесцентите, што, како што тврдат, довело до зголемување на анксиозноста, депресијата, самоповредувањето, па дури и самоубиствата меѓу младите.
„Мета“ ги отфрла сите обвинувања и тврди дека предложениот начин на пресметување на казните повеќекратно ги брои истите корисници, во зависност од времето поминато на платформите. Компанијата исто така наведува дека одредени функции на Фејсбук и Инстаграм се заштитени со член 230 од американскиот Закон за комуникации, кој на интернет-платформите им обезбедува широка заштита од одговорност за содржините што ги објавуваат корисниците.
Американската окружна судијка Ивон Гонзалес Роџерс кон крајот на јуни го одби барањето на „Мета“ за отфрлање на тужбата, оценувајќи дека и понатаму постојат спорни фактички прашања, вклучително и тврдењата дека апликациите на компанијата се создадени така што предизвикуваат зависност кај младите корисници.
Покрај оваа постапка, „Мета“ се соочува со повеќе од 2.400 слични тужби поднесени од родители, училишта и државни институции. Компанијата оваа година веќе претрпе два значајни судски порази — во Калифорнија, каде што беше прогласена за одговорна за поттикнување зависност од социјалните мрежи, и во Ново Мексико, каде што беше утврдено дека не ги заштитила соодветно децата од сексуални предатори на интернет и дека ја доведувала јавноста во заблуда за безбедноста на своите платформи.
И покрај тоа, аналитичарите оценуваат дека е малку веројатно евентуалната конечна казна навистина да достигне 1,4 билиони долари. Сепак, акциите на „Мета“ по објавувањето на судскиот поднесок пораснаа за околу три проценти на берзата.


