Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

„Прекин на работата ако е многу жешко“ — европските синдикалци бараат работниците да бидат заштитени од високите температури

Европските федерации на синдикатите за храна, туризам и градежништво спремија нацрт-директива за заштита од жештините, со која од работодавачите се бара паузи, сенки за работа на отворено, вода, разладување, но и прекин на работата доколку таа е интензивна и се одвива над 30 степени.

Додека жешкото лето во Европа продолжува, синдикатите сè поинтензивно бараат нови начини за спречување на смртоносниот топлотен стрес, со кој се поврзуваат околу 230 смртни случаи на работни места годишно, пренесува Гардијан.

Годинава бројот на жртви би можел да биде уште поголем. Според Светската здравствена организација, јунскиот топлотен бран веќе се поврзува со околу 1.300 дополнителни смртни случаи во Европа, додека други проценки достигнуваат и до 20.000.

Синдикалците бараат нови правила за справување со жештината на работните места, засновани на индексот ВБГТ (Wet Bulb Globe Temperature), кој ја мери способноста на човечкото тело да се лади, како и задолжителни проценки на ризикот од топлина на работните локации.

Тие исто така бараат во претстојниот закон за квалитетни работни места да се вклучат правото на паузи поради жештините, обезбедување сенка за работа на отворено, вода, разладување и прилагодено работно време, според нацрт-директива во која увид имал Гардијан.

„Климатските промени повеќе не се далечен еколошки предизвик. Тие се секојдневен ризик за здравјето и безбедноста при работа, како и закана за стабилноста на работните места. Сегашната европска правна рамка очигледно не е доволна за да обезбеди заштита“, изјави генералниот секретар на Европската федерација на синдикатите за храна, земјоделство и туризам (Ефат), Енрико Сомаља.

Иако нацрт-текстот не претставува правно обврзувачки документ, тој добива поддршка од европратеници и претставници на институциите, бидејќи екстремно жешкото лето во 2026 година го постави ова прашање високо на политичката агенда.

Предлогот предвидува максимални вредности на индексот ВБГТ на работните места во опсег од 30 до 32,5 степени Целзиусови, во зависност од интензитетот на физичката работа – од многу тежок до лесен труд. Доколку овие температури бидат надминати, работата би се прекинувала. Работодавците што нема да ги почитуваат правилата би се соочиле со санкции.

Ефат е една од трите синдикални организации што ги поддржуваат предложените законски измени за безбедност при работа во услови на жештини. Заедно со Европската федерација на синдикати во јавните служби и Европската федерација на градежни и дрвопреработувачки работници, тие претставуваат околу 15 милиони работници.

Во Обединетото Кралство, каде што во средата беше издадено портокалово предупредување за екстремни горештини за југозападниот дел на Англија поради нов топлотен бран, Конгресот на синдикати бара од владата да воведе максимално дозволена работна температура. Ова барање неодамна доби поддршка и од советодавното тело на владата – Комитетот за климатски промени.

Конгресот предлага правила според кои работодавците ќе мора да преземаат мерки за намалување на температурата на работното место доколку таа надмине 24 степени Целзиусови, а работниците да имаат право да ја прекинат работата ако температурата достигне 30 степени, односно 27 степени за оние што извршуваат физички тешки работи.

Генералниот секретар на Конгресот, Пол Новак, изјави дека брзите климатски промени создаваат сериозни ризици на работните места што мора да бидат намалени.

„Работните простории треба да се одржуваат на пријатна температура, со поопуштен кодекс на облекување и флексибилно работно време за да се искористат најсвежите часови од денот. Работодавците мора да обезбедат работниците на отворено да бидат заштитени со редовни паузи, доволно течности, креми за сончање и соодветна заштитна облека“, рече тој.

Движењето „Топлотен удар“ („Heat Strike“), формирано по најтоплиот ден во Обединетото Кралство во 2022 година, го засили својот активизам и организираше национална акција во која за време на топлотниот бран кон крајот на јуни учествуваа околу 1.500 луѓе.

Топлотниот бран носи температури над 40 степени, метеоролозите прогнозираат до кога ќе трае

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот