На Левица повторно ќе ѝ остане Фејсбук за рекламирање?
Мариела Трајковска
Пред
На помалите партии на дискриминаторски начин им се оневозможува фер начелото во изборната кампања за сите избори. Регулативата е штетна, противуставна и изразито непропорционална во однос на можностите, правата и обврските на сите политички субјекти кои се натпреваруваат во изборните кампањи. Немам дилема и немам резерва дека во конкретниот случај треба да се поведе постапка, рече известителот Осман Кадриу.
Уставниот суд немаше мнозинство да одлучува дали ќе поведе постапка по иницијативата на политичките партии Левица и Демократи кои ја оспоруваат уставноста на Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање. Судијата Осман Кадриу како известител предложи да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но не доби мнозинство, односно немаше пет судии да го поддржат неговиот предлог. Од Судот информираат дека предметот останува отворен и дека за него ќе се гласа на некоја од следните седници.
Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ, во изјава пред Уставниот суд предупреди дека евентуалното отфрлање на иницијативата би значело легализирање на нерамноправните услови за учество на изборите и опасен преседан за политичкиот плурализам.
Известителот Кадриу предложи да се поведе постапка
Во расправата, судиите беа поделени во мислењата за тоа дали Судот треба да поведе постапка за иницијативата на Левица или да ја отфрли. Кадриу истакна дека Судот треба да поведе постапка за оспорените членови од Изборниот законик, бидејќи тие не обезбедуваат рамноправен пристап и финансии на партиите за политичко рекламирање во изборна кампања. Според него, се прави градација на партиите, при што помалите партии се дискриминирани.
– На помалите партии на дискриминаторски начин им се оневозможува фер начелото во изборната кампања за сите избори – локални, парламентарни и претседателски. Оваа дискриминација се забележува посебно во нееднаквиот пристап и во можностите во изборните процеси на сите партии. Им се ускратуваат можностите, а со тоа и шансите да се натпреваруваат. Регулативата е штетна, противуставна и изразито непропорционална во однос на можностите, правата и обврските на сите политички субјекти кои се натпреваруваат во изборните кампањи. Немам дилема и немам резерва дека во конкретниот случај треба да се поведе постапка – рече Кадриу.
Тој информира дека Владата испратила мислење двете иницијативи да не бидат усвоени, повикувајќи се на судската практика дека за тие одредби Судот веќе се произнел.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кој имал одвоено мислење кога претходно Судот не повел постапка за истите оспорени одредби од Изборниот законик рече дека предметот има висок општествен интерес.
– Во овој случај немам дилема дека Уставниот суд има право да одлучи дали со наши пари да се финансира политичка кампања на партии. Има Закон за финансирање на партии, значи двапати. Заземаат различни функции и позиции, односно земаат плата, повторно буџетски пари и, на крај, уште еден апсурд – завршува мандатот на политичарот, и тој зема апанажа. Четири пати граѓаните ги плаќаат политичарите, а ние сме едни од најсиромашните земји во Европа – рече Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски / Фото: Уставен суд
Според него, државата треба да обезбеди еднакви услови за натпревар на партиите на избори.
Судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева посочи дека Уставниот суд не одлучува дали треба да има платено политичко рекламирање, бидејќи за тоа одлучува Собранието, туку дека Судот може да цени дали одбраниот модел и критериумите за распределба се на оправдани основи. Таа рече дека може да поведат постапка, но дека треба да бидат свесни дека со тоа ќе направат забрана за какво било политичко рекламирање.
– Ако се укинат решенијата, ќе оставиме простор кој нема да биде регулиран, односно ќе нема платено политичко рекламирање. Овој состав на Уставниот суд веќе одлучувал за тие одредби и има одлука да не се поведе постапка. Факт е дека тогаш гласав да не се поведе постапка и сакам да сум доследна. Нема да го поддржам предлогот во рефератот – рече Васиќ-Бозаџиева.
Уставниот судија Насер Ајдари смета дека за иста работа Судот веќе одлучувал и дека не повел постапка за оценување на уставноста.
– Судот оценил дека критериумот за политичко рекламирање е објективен и дека начинот на распределбата е во рамките на тоа што го донел законодавецот, како и дека тоа не е ограничување на слободата на јавно информирање. Сметам дека не се отвора ново уставно правно прашање, туку станува збор за веќе оспорени членови од Законот, а за што веќе Судот се произнел. Не се изнесени нови уставно-правни аргументи за да го промениме нашиот став – рече Ајдари.
Седница на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
И судијата Фатмир Скендер оцени дека Судот за тие одредби веќе одлучувал.
– Ако таа целисходност не е оправдана, Собранието нека си донесе нов закон. Немам намера да му давам памет на Собранието. Сметам дека треба да ја почитуваме уставно-судската практика која е гарант на правната сигурност. Останувам на моите веќе изнесени ставови во 2023 година – рече Скендер.
Уставната судијка Ана Павловска Данева смета дека е здраво да има различни ставови и дека во конкретниот случај не постои причина за отфрлање на иницијативата.
– Веќе решена работа не е нешто што е исклесана во камен и не е нешто за што Уставниот суд не треба да одлучува. Многупати сме имале решавање на веќе решени работи и многу судии заземале поинаков став од претходни состави на Судот. Се покажало како добро кога одиме во чекор со општествениот развој и кога не се држиме слепо за веќе донесени одлуки, особено ако има нови факти и околности. Никој не спомена дека Левица приложила нов извештај во 2025 година, односно извештај на ОБСЕ, кој констатира нешто што Судот претходно го немал. Според ОБСЕ, законските одредби за рекламирање во медиумите структурно ги става во нерамноправна положба независните кандидати и исклучуваат одредени партии. Тоа значи дека треба да постои еднаквост, можност за сите, а особено ако ОБСЕ тврди дека се исклучени одредени партии, тоа зборува за дискриминација. Да не одиме на процесно затворање на предметот. Имајте предвид дека ова е нова околност – рече Павловска-Данева.
Судијката Добрила Кацарска не се согласува дека треба да се прифати иницијативата.
– За мене сè е кажано во нашето решение од 2023 година. Таму се оспорени истите законски одредби. Нема никаква измена во Законот. Слушам политички ситуации, но алергична сум кога во Судот се зборува за политика. Треба да се примени член 38 став 2. За иста работа веќе Судот одлучувал и нема нови состојби – рече Кацарска.
Мециновиќ: Оневозможен еднаков пристап до медиумите за помалите партии
Со иницијативите се оспоруваат одредби од членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик кои се однесуваат на распределбата на медиумскиот простор и средствата за политичко рекламирање.
Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ смета дека од расправата се гледа интенцијата на Судот да ја отфрли иницијативата.
– Најголемата опасност денес е Уставниот суд да ни потврди дека може да имаме нерамноправни услови за настап на изборите. Можно е денес да го погази начелото на рамноправност на политичките субјекти и начелото на политичкиот плурализам во Република Македонија – потенцира Мециновиќ.
Амар Мециновиќ Фото: Принтскрин
Тој додаде дека проблемот не е во финансирањето, туку во тоа што на Левица ѝ е оневозможен еднаков пристап до медиумскиот простор за време на изборната кампања.
– Левица не бара финансии. Левица бараше и бара рамноправен пристап до медиумскиот простор, до рекламирањето на телевизиите, порталите и билбордите. Тоа не е грев, туку треба да се запрашаме зошто имаме власт која пробува својот авторитаризам да го наметне како норма – вели Мециновиќ.
Според него, доколку Уставниот суд ја потврди спорната законска одредба, ќе се создаде преседан што во иднина може да биде применет против секој политички субјект кој ќе го наруши комодитетот на големите партии.
Тој ги критикуваше и аргументите што беа изнесени за време на расправата во Уставниот суд:
– Слушнавме апсурдни аргументи дека постои опасност од укинување на одредбите затоа што не се знаело дали партиите ќе се договорат. Уставниот суд политичка одлука ли носи? Опасноста од политички исход не може да биде пред оценувањето на уставноста, што е главната работа на овој Суд – кажа Мециновиќ.
Тој порача дека борбата за фер избори е борба за демократијата и политичкиот плурализам во државата.
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Уставниот суд немаше мнозинство да одлучува дали ќе поведе постапка по иницијативата на политичките партии Левица и Демократи кои ја оспоруваат уставноста на Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање. Судијата Осман Кадриу како известител предложи да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но не доби мнозинство, односно немаше …
Секој работен ден со почеток во 16 часот гледајте Вести на „Слободен печат“. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Ако купувате веќе исечена лубеница, треба да знаете зошто таа не е најдобриот избор 2 Вести на „Слободен печат“ 3 Нема потврда дека рибата која повреди жена на Пелопонез била „зајачка глава“ Прикажи …