Основно јавно обвинителство - ОЈО / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Поднесено обвинение за Еуростандард банка АД Скопје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против три лица кои се товарат дека сториле по едно кривично дело – предизвикување стечај на банка од член 181 став 1 од Кривичниот законик, како и обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик, соопштија оттаму.

Според обвинителниот акт, првообвинетиот како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, второобвинетиот како претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката.

„Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на Еуростандард банка АД Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари“, велат од ОЈО ГОКК во соопштение до јавноста.

Според обвинителниот предлог, додаваат оттаму, четвртообвинетиот, во својство на претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка АД Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година, со несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор, постапувал спротивно на обврските утврдени со Законот за банките.

„Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон“, наведува ОЈО ГОКК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот