Мета и Гугл изгубија на суд и ќе платат милиони – ѝ го уништиле менталното здравје на 20-годишна девојка
Поротата во Лос Анџелес донесе историска одлука со која технолошките гиганти „Мета Платформс“ и „Гугл“ (Јутјуб) се прогласени за одговорни за штетата што нивните платформи ѝ ја нанеле на млада корисничка. Тужбата ја покрена 20-годишна девојка, идентификувана со иницијалите К.Г.М., која тврдела дека станала зависна од Инстаграм и Јутјуб уште од рана возраст, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Таа во тужбата наведе дека свесно дизајнираните функции на апликациите создаваат зависност, што оставило сериозни последици врз нејзиното ментално здравје.
Поротата утврди дека двете компании биле несовесни во дизајнот на своите производи и дека не ги предупредиле доволно корисниците за потенцијалните ризици од користењето на социјалните мрежи.

На тужителката ѝ беа доделени три милиони долари како надомест за претрпена штета, а дополнително ќе се одлучува за казнени отштети, кои би можеле значително да ја зголемат вкупната сума. Овој случај се смета за прв меѓу илјадниците слични тужби поднесени низ САД, кои се однесуваат на одговорноста на платформите за штетните ефекти врз младите луѓе.
„Мета“ во официјално соопштение изрази несогласување со пресудата и најави дека ќе ги разгледа сите правни чекори, додека од „Гугл“ засега не ја коментираа одлуката на поротата.
Овој судски епилог доаѓа во време кога расте притисокот од регулаторите и обвинителите врз големите технолошки компании да преземат поголема одговорност за влијанието на нивните производи врз менталното здравје на новите генерации.
Закерберг ги дуплира инвестициите во вештачка интелигенција, додека други се плашат од „балон“


