Сашо Клековски, министер за здравство, досегашен директор на ФЗОМ / Фото ФЗОМ
Сашо Клековски, министер за здравство, досегашен директор на ФЗОМ / Фото ФЗОМ

Клековски: Бројот на граѓани со тегоби во Гостивар не опаѓа, важни се анкетите за да се утврди причината за епидемијата

Трендот на новопријавени граѓани со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа и во последните 24 часа имаме нови пријавени. Бројката се движи околу 250 до 300 случаи дневно. Вчера имаше сто на детското одделение и 160 на Инфективниот оддел. Денеска имаме слична бројка на детското одделение и околу 200 на Инфективниот оддел, изјави министерот за здравство Сашко Клековски.

Тој рече и дека анализите на водата ќе бидат готови утре, но и важни се епидемиолошките анкети што ги даваат граѓаните за да се утврди точниот причинител за епидемијата. Воедно, потврди дека е прогласена епидемија на територијата на Гостивар.

„Во Македонија сме имале епидемии на морбили или за слични болести, меѓутоа не најдов за труење од вода или од храна. Клиничката слика во основа генерално е лесна. Стомачни проблеми со дијареја и повраќање, ретки со температура и со знаци на треска. Генерално сите се со дехидратација и во основа тоа што го добиваат како здравствен третман е рехидратација, инфузија и терапија според симптомите што ги имаат. После примена на инфузија се испуштаат дома, малкумина се задржуваат“, рече Клековски во гостување на Сител ТВ.

Тој истакна дека во делот на здравствените мерки сите афектирани пациенти се прифаќаат во општата болница во Гостивар, ги имаат сите неопходни лекарства во болницата.

„Со ротација на лекари од останатите оддели, во болницата се покриваат здравствените потреби на загрозените таму. Во однос на истражувањата се прават лабораториски неопходните лабораториски истражувања, се упатуваат пациентите на истражување на фецес, се земаат сите неопходни анализи и се покануваат на епидемиолошки анкети. Бидејќи во основа може да се воспостави врската помеѓу пациентите и со можниот извор на проблемот“, нагласи Клековски.

Во однос на тоа дека иако поминаа три дена откако случајот излезе во јавност и препораки да не се пие водата, а се уште има нови случаи, тој рече дека се важни епидемиолошките анкети за да се утврди точно причинителот.

„Имав забелешки зошто сум ја спомнал храната вчера на прес од Гостивар. Ние мораме да пристапиме со сите можности отворени, а не веднаш да прогласиме виновен. Во демографијата и географијата на загрозените има од најмали деца до највозрасни луѓе. Има од повеќе населени места кои меѓудругото користат и други водоводи, не само овој гостиварски, има Чегране или Дебреше или други населени места и поради тоа е неопходно да се прават тие епидемиолошки анкети. Јас реков дека гледајќи ја демографијата, гледајќи ја географијата, бројката, се исклучува алиментарна инфекција. Мораме да бидеме претпазливи, а не да скокаме во заклучок, бидејќи кога ќе скокнеме кон заклучок, нема да ги направиме неопходните истраги да најдеме навистина што се случува. Посебно што ова во Гостивар не е прв пат. Во 2017 имаше слична состојба со неколку стотици заболени и причинителите не се најдени. Мојот настап беше дека според сегашните епидемиолошки податоци храната како можност е исклучена алиментарна, гастроентероколит е исклучен. Значи, за да се потврдат другите опции мора да завршат истрагите што ги води Институтот за јавно здравје“, посочи тој.

Клековски рече дека анализите на водата ќе бидат готови утре.

„Пристапуваме со максимална одговорност и не сакаме да избрзуваме со заклучоци. Анализите на Институтот на јавно здравје се по барање на Јавното обвинителство. Во основа резултатите ќе ги соопшти Јавното обвинителство“, нагласи Клековски.

Во однос на тоа дали приклучувањето кон пумпите е главната причина за епидемијата, тој кажа дека веќе има препорака таа вода да не се користи и оти сомнителните пумпи се надвор употреба веднаш штом е констатирана состојбата.

 „Меѓутоа, повторно не би сакал да влеземе во заклучоци бидејќи би сакале да имаме објективна истрага која ќе заврши со конкретни резултати. И ова не е тема за политичко препукување. Имаше забелешки ако почнало на 13-ти, зошто не сме реагирале? Кога првите пациенти дошле на 13-ти, инфектолозите во болницата не знаеле дека ќе има таква масовност. Или имаше шпекулации дека јас сум изјавил дека не личело дека има услови за прогласување епидемија. Да повторам, не паметам за елементарна или хигиенска состојба да имало прогласена епидемија до сега. И второто најважно не сум го кажал тоа. Зошто не сум го кажал? Затоа што ниту јас, ниту некој друг, освен епидемиолозите не е надлежен да прогласи епидемија“, оцени тој.

Центарот за јавно здравје Тетово – епидемиолошка служба Гостивар, попладнево прогласи епидемија во Гостивар.

„Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки“, информираа од службата.

Прогласена е епидемија во Гостивар, службите дневно ќе ја следат состојбата со заболените

Владата донесе одлука и од денес ќе дистрибуира по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции.

Дистрибуцијата на водата ќе се врши преку Службата за општи и заеднички работи на Владата преку седум пунктови:

– Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
– Градинка „Пролет“,  ул. Беличица бр. 47
– СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39
– ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
– АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска
– Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг,  ул. Чеде Филиповски бр. 29
– Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35

Владата ќе доделува по 50.000 литри дневно вода преку различни пунктови во Гостивар

Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот