ВИДЕО | Пожарот на депонијата кај Добрашанци и денеска ги труе струмичани, цела котлина е покриена со чад
Додека пожарникарите од Струмица се на терен и пробуваат целосно да го изгасат пожарот во депонијата кај село Добрашанци, организацијата „Здрава котлина“ објави видео со кое алармираат дека утрото за локалните жители повторно започна со силно печење во носот и грлото.
Препорачано
„Ќе нè убие депонијата во Добрашанци или неодговорноста на надлежните!? Целата котлина е покриена со густ чад, а воздухот повторно е тежок за дишење. Повторно плаќаме со сопственото здравје за туѓата негрижа“, соопштија од организацијата.
Очекуваат надлежните во Општина Струмица да утврдат дали има прекршувања поврзани со депонијата, но истовремено и загадување од помали погони.
„Доста беше од формални соопштенија, бесконечни ветувања и институционален молк. Граѓаните со години слушаат исти приказни, додека воздухот што го дишат станува сè полош. Јавно предупредување: Доколку не се преземат конкретни и трајни мерки за решавање на загадувањето од депонијата кај Добрашинци и не започне конечно утврдување на одговорност кај сите загадувачи, ќе организираме протести пред Јавното обвинителство. Не можеме да прифатиме труењето да се претставува како нормална појава, а нечија неодговорност да остане без последици“, соопштија од организацијата.
„Граѓаните да не се движат кај депонијата“
Противпожарната единица на Струмица и вчера и денес објави дека нивни луѓе се на терен кај депонијата кај Добрашанци, но истовремено посочуваат дека ваквите пожари создаваат густ чад и опасни гасови кои можат негативно да влијаат врз здравјето, особено кај децата, постарите луѓе и лицата со хронични заболувања.
Отттаму апелираат до граѓаните да избегнуваат движење во близина на депонијата и зоните зафатени со чад.
„Граѓаните да не палат стрништа, сува трева или отпад, бидејќи и најмала несовесност може да предизвика нов пожар. Доколку почувствуваат силен мирир на чад, да ги затворат прозорците и вратите и, ако е можно, да останат во затворени простории. Да не фрлаат отпушоци и запалив отпад во природа. Секој забележан пожар да го пријават на 112“, стои во соопштението на Противпожарната единица, која нагласува дека пожарникарите вложуваат напори целосно да го изгаснат огнот.


