Пожарникари цел ден ја гасат депонијата кај Струмичко, еко-активисти бараат да се истражат причините за пожарот
Противпожарната служба од Струмица уште од раните утрински часови е ангажирана на гаснење на пожарот на депонијата кај село Добрашинци, Струмичко. На терен интервенираат две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, кои континуирано работат на локализирање и целосно гаснење на пожарот. Истовремено, активисти од „Здрава котлина“ велат дека пожар на депонијата се случува постојано и бараат властите темолно да ги истражат причините, да ги утврдат одговорните и да преземат мерки.
Препорачано
Од Пожарната во Струмица информираат дека во интервенцијата со огнената стихија активно е вклучено и ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, чија механизација работи на затрупување на депонијата, со цел да се спречи повторно разгорување на жариштата.
„Пожарот е локализиран, но поради специфичноста на пожарите на депонии, екипите и понатаму остануваат на терен и работат на негово целосно гаснење и обезбедување на локацијата. Апелираме до граѓаните да останат смирени, да не шират непроверени информации и да ги следат официјалните известувања. Воедно, ги повикуваме сите на совесно однесување и избегнување активности што можат да предизвикаат нови пожари“, соопштија поплавнево од службата.
Организацијата „Здрава котлина“ нагласува дека како и секогаш, пожарникарите реагираат брзо, професионално и несебично. Тие се последната линија на одбрана кога пожарот веќе избувнал, но, како што велат, не смее да се дозволува толку често да се доаѓа до таа последна линија.
„Ова не е прв, втор или трет случај. Со години наназад, депонијата кај Добрашинци се пали повторно и повторно, повеќепати во текот на секоја година. Истото сценарио се повторува безброј пати – пожар, интервенција, густ токсичен чад над Струмичката Котлина, па повторно молк… сè до следниот пожар. Во секоја ваква интервенција, токму пожарникарите се првите и најдиректно изложени на токсичниот чад, ризикувајќи го сопственото здравје за да ги заштитат сите нас. И да, тоа е нивна должност. Но нивната задача е да ги гаснат пожарите, а не со години да интервенираат за истиот проблем поради непостапувањето на останатите надлежни институции“, соопштува организацијата.
Затоа, како што велат, очекуваат МВР и надлежните инспекциски служби темелно да ги истражат причините за овие пожари, да ги утврдат одговорните и да преземат мерки што конечно ќе стават крај на оваа долгогодишна пракса.
„Доколку е потребна и поширока координација со други институции, таа мора да се воспостави. Единствената цел треба да биде трајно решавање на проблемот кој со години го загрозува здравјето на жителите на Струмичката Котлина. За ова мора да има одговорен. И мора да има одговорност“, реагираат од организацијата.
ВИДЕО | Цела Струмица и околината се гушат во магла што мириса на изгорена пластика


