Топилницата се затвори, но отпадот сè уште ги труе велешани, реагира „Еко-свест“
Годината 2003-та ќе остане запаметена како симбол на граѓанскиот отпор, затоа што по децении загадување, болести и прерани смртни случаи, велешани со протести успеаја да го затворат најголемиот загадувач – Топилницата. Иако оџаците не чадат веќе 20 години, „црната планина“ (троската од цинк, олово, кадмиум) сè уште стои таму како тивок убиец, нагласува еколошката организација „Еко-свест“.
Препорачано
Оттаму посочуваат неколку причини зашто опасноста сè уште е присутна. Прво, велат оттаму, ветерот ја разнесува прашината од троската и директно ја загадува почвата и воздухот кој го дишат велешани.
„Испитувањата потврдија високи концентрации на тешки метали кои се во храната произведена во Велес. Тешките метали се таложат во организмот и предизвикуваат сериозни оштетувања на нервниот систем, внатрешните органи и имунитетот, истовремено зголемувајќи го ризикот од канцерогени заболувања“, нагласуваат од „Еко-свест“.
Иако има препораки за забрана на земјоделство, велат од организацијата, сепак луѓето сè уште ја користат таа почва за производство на храна. Воедно, посочуваат дека отровите навлегуваат во водите и седиментите на Вардар, ширејќи го загадувањето низ целата држава.
„Решение: Прво, целосно елиминирање на депонијата со троска. Второ, привремено покривање – доколку не се започне веднаш со чистење на оваа депонија, мора итно да се покрие со заштитна обвивка за да се спречи разнесувањето на канцерогена прашина“, нагласуваат од организацијата.
Организацијата периодов континуирано алармира за јаловиштата и депониите од стари индустриски објекти и рудници, кои преку серија истражувања се ставени во групата на „жешки еколошки точки“ на Македонија. Меѓу нив се и депониите од некогашниот рудник „Лојане“, за кој неодамна пишуваше и „Слободен печат“, како и токсичните остатоци од работата на „Саса“, „Злетово“, „Осломеј“, ОХИС и оние од „Југохром“.
Владата ќе бара нов концесионер за „Лојане“, откако стариот си замина без да ги исчисти отровите


