Ќе се бара нов концесионер да ја расчистува депонијата кај велешката Топилница, откако „Кепс Монт Груп“ десет години не го реши еколошкиот проблем
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе распишува нов јавен повик на кој ќе бара концесионер што ќе ја расчисти троската од велешката Топилница. Минатиот месец заврши десетгодишната концесија на компанијата „Кепс Монт Груп“, која во тој период не успеа да ја извезе минералната суровина и со тоа да реши голем еколошки проблем, што граѓаните на Велес ги држи во заложништво повеќе од четири децении, пренесува агенцијата Мета.мк.
Препорачано
Од Министерството информираат дека во моментов во тек е постапката за раскинување на концесијата на „Кепс Монт Груп“, која ќе треба да биде одобрена од Владата. На компанијата пред две години не и беше обновена ниту Б-интегрираната дозвола од Општината Велес, бидејќи сакаше да вметне обработка на троската на лице место, што локалните власти не го дозволија.
„Компанијата ‘Кепс Монт Груп’ во текот на минатата година достави барање за продолжување на концесијата за експлоатација на троската од депонијата на поранешната Топилница во Велес. Министерството донесе решение со кое барањето беше одбиено, по што компанијата поднесе жалба која исто така беше одбиена. Во моментов, Министерството е во фаза на подготовка на одлука за престанок на концесијата, која ќе биде доставена до Владата“, велат од Министерството за енергетика.
Со новиот повик, тврдат оттаму, ќе се овозможи транспарентен процес и потенцијално вклучување на други заинтересирани компании, кои строго ќе ги почитува законските и еколошките стандарди, а од концесионерот ќе се бара да исполнува најсовремени критериуми за заштита на животната средина, да применува најдобри достапни технологии и да обезбеди одржливо и безбедно управување со материјалот. Троската од Топилницата повторно ќе се квалификува како техногена минерална суровина, а не како опасен отпад, иако депонијата на Топилницата со децении се смета за една од жешките еколошки точки.
Од Општина Велес, исто така очекуваат идниот концесионер да ги користи најдобрите достапни практики и навистина да се грижи за животната средина и за здравјето на жителите на градот, додека работи на локацијата. Во моментов, посочуваат, до Општината нема стигнато барање за доделување на мислење или за геолошки истражувања на локацијата, но нагласуваат и дека стојат на ставот дека троската ќе треба да се натовари и изнесе од Велес, а не да се обработува на лице место.

Расчистувањето на депонијата повеќе од две години е заглавено во македонските институции и судови, откако поранешниот концесионер „Кепс Монт Груп“ се жалеше на одлуката на Општина Велес, да не му ја продолжи Б-интегрираната дозвола и да му овозможи троската, освен да ја ископува и да ја дроби и меле, пред да ја извезува. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на почетокот на 2024 година, одлучи да не ја потпише Б-интегрираната дозвола за компанијата, сметајќи дека е грешка што остатоците на депонијата се третираат како техногена минерална суровина. Тие, посочи тогаш Колев, треба да се гледаат како опасен отпад, како што е линданот во ОХИС.
Се претпоставува дека депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која, покрај цинк и олово, содржи и кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Тешките метали, оставени на отворено без никаква заштита, се разнесуваат со децении наназад, а висината на загадувањето ја докажаа и испитувањата на професорот Трајче Стафилов и Министерството за здравство.
Според анализите на Стафилов направени на прашината во три зони во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон, а особено се високи нивоата на кадмиум во домашната прашина, 21 милиграм на килограм и на кровните греди, 240 милиграми на килограм.
Испитувањата на Министерството за здравство, пак, докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.


