Тимчо Муцунски и Гидеон Сар во Вашингтон / Фото: Фејсбук / Тимчо Муцунски

Најчевска вели дека Муцунски треба да се гони за соработка со режим обвинет за геноцид

Пензионираната универзитетска професорка и активистка за човекови права, Мирјана Најчевска, преку социјалните мрежи ја осуди средбата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, со неговиот израелски колега Гидеон Сар. Најчевска вели дека Македонија е потписничка на Римскиот статут и со тоа ја признава надлежноста на Меѓународниот криивчен суд, кој има распишано потерница по премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој е осомничен дека наредил да се спроведе геноцид врз Палестинците во Газа.

Оттаму, смета професорката, против Муцунски треба да се поведе постапка за соработка со режим кој е обвинет за геноцид, што е посебно кривично дело во македонскиот Кривичен законик.

„Бидејки ние сме потписнички (https://asp.icc-cpi.int/…/states-parties-chronological…) на Римскиот статут (https://www.ohchr.org/…/rome-statute-international…) со што ја прифаќаме надлежноста на меѓународниот кривичен суд кој има распишано потерница по премиерот на Израел, како и повеќекратните објави на ООН за акт на геноцид од страна на властите во Израел врз палестинското население (https://www.ohchr.org/…/israel-continues-commit…) (https://www.un.org/…/09/a-hrc-60-crp-3-infographic.pdf), би требало ЈО да поведе постапка против Муцунски за соработка со режим кој е обвинет за геноцид според член 407а од нашиот Кривичен законик. Ова е сериозно нарушување на угледот на Македонија за кое треба да се формира посебна анкетна комисија во Собранието која ќе го истражи случајот и ќе му предложи на Собранието соодветна реакција“, пишува Најчевска во објава на „Фејсбук“.

Таа уште обвинува и дека Муцунски со одржувањето пријателски односи со сторители на геноцид, го крши и Уставот.

„Тоа што нашиот министер воспоставува пријателски односи со сторители на најтешки злочини против човештвото е прекршување на Уставот и на основните вредности на нашиот правен и политички систем. Во моментов се срамам што сум Македонка и државјанин на држава која поддржува и оправдува геноцид, тортура, најбестијално измачување и убивање на луѓе и систематско убивање на деца. НЕ ВО МОЕ ИМЕ“, додава Најчевска во објавата.

Муцунски, кој е во посета на САД, пред неколку дена на „Фејсбук“ објави фотографија со шефот на израелската дипломатија, Гидеон Сар, во објавата наведувајќи дека ја потврдиле „одличната билатерална соработка меѓу двете земји“, како и дека се согласиле дека „во периодот што следи треба да работат на целосно искористување на потенцијалите за унапредување на политичкиот дијалог, како и на соработката во областа на економијата, трговијата и инвестициите“

На ова реагираше и граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“, оценувајќи дека ваквите контакти се спротивни на, како што велат, ставовите и барањата на македонската јавност поврзани со геноцидот во Газа.

Од иницијативата посочуваат дека Муцунски по средбата информирал за потврдена „одлична билатерална соработка“ меѓу Македонија и Израел, како и за планови за унапредување на политичкиот дијалог и соработката во областа на економијата, трговијата и инвестициите.

„Бидејќи нема слух за своите граѓани, уште еднаш јавно го потсетуваме дека Македонија е членка на Меѓународниот кривичен суд (кој уште во ноември 2024 година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и гладување како оружје за време на војна – а што прават нашите „делегати“? се сликаат и состануваат со директни соучесници на овие воени криминалци“, наведоа од граѓанската иницијатива.

„Место на радост и смеа за децата“: Муцунски отвори игралиште, донација од Израел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот