Владата ќе бара нов концесионер за „Лојане“, откако стариот си замина без да ги исчисти отровите
Власта сѐ уште не најде чаре за жешката еколошка точка „Лојане“. Ниту ги затрупа канцерогените депонии, ниту вложи пари да се уништат, ниту пак изминатава деценија успеа со помош на странска фирма да ги извезе надвор од државата, па сега ќе го активира локалитетот преку нов концесионер.
Неколку илјади жители од општина Липково, меѓу кои и 400 деца од училиштето „Рилиндја“ од селото Лојане што следат настава на само 100-ина метри од опасна депонија, и оваа година ќе продолжат да живеат во средина „богата“ со антимон и арсен.
Препорачано
Практично, изгубени се повеќе од една деценија за жителите од липковските села и нивното здравје, ако се знае дека турската компанија „Калтун Мадденџилик“ доби концесија уште во 2014 година. Договорено беше да собира антимон, а притоа со обврска да ја извезе целата токсична депонија со арсен во странство. Но, пред раскин на договорот во 2022 таа успеа да исчисти и продаде само 60 од вкупно 15.000 тони, што е само 0,4 отсто.
Откако турската фирма си замина, отровите во почвата и водата останаа, а сега власта покренува „нова постапка за експлоатација и третман на техногена минерална суровина“ на „Лојане“, во рамки на, како што велат, „законските надлежности и стратешката определба на Владата за одржливо управување со природните ресурси“.
„Станува збор за пристап кој е заснован на највисоките меѓународни стандарди за заштита на животната средина и принципите на циркуларната економија, при што техногениот отпад од поранешниот рудник се третира како секундарен ресурс, а не како еколошки товар. Со тоа, паралелно се решаваат децениски наследените еколошки предизвици и се создаваат услови за одржливо и одговорно искористување на постоечките материјали“, посочуваат за „Слободен печат“ од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во таа насока, додаваат оттаму, Владата донела одлука за да се формира Комисија за концесијата, со што постапката е официјално влезена во активна институционална фаза. Прашањето со локалитетот „Лојане“, како што тврдат, ќе се реши преку јасно дефинирани правила, контроли и обврски за идниот оператор, во интерес на заштитата на животната средина, здравјето на граѓаните и локалниот развој.
„Во оваа фаза не е избран концесионер и не е склучен договор, бидејќи процесот ќе се реализира согласно законски утврдена постапка и преку Јавен повик, со примена на принципите на транспарентност, конкурентност и јавен интерес“, велат од ресорното министерство, додавајќи дека следните чекори ќе бидат „во согласност со владината определба за одговорно управување со минералните суровини и усогласување со европските зелени политики“.
„Лојане“ – „тивкиот убиец“
Рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“ е затворен во 1979 година. Потоа, локалитетот влезе во групата на 16-те „жешки еколошки точки“ во Македонија преку разни испитувања. Физибилити студија во 2007 година, поддржана од чешката Влада и УНДП, покажа дека во дел од локалните реки има „средна“ и некаде „екстремна“ загаденост.
Генерален заклучок за „високи еколошки и здравствени ризици“ за „Лојане“ стои и во документ од 2017 година, правен од група истражувачи и професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и Институтот за минералогија и кристалографија од Виена.
„Некои води земени во мостри од бунари (и особено мострата број 19 од Ваксинце) имаат содржина на арсен и антимон кои се значително над границите на водата за пиење утврдени од различни регулаторни агенции“, стои во студијата.

Во 2019 водата во селото беше над границата на 10 микрограми на литар арсен, а во 2021 и самиот водовод во школото „Рилиндја“, но Општина Липково не го вклучи алармот, ниту пак Центарот за јавно здравје Куманово. Единствено се споменуваа иницијативи за смена на водоводниот систем.
Воедно, истражувачи открија арсен и антимон над основните граници од мостри од почва и седимент. Многу примероци покажаа ниво над „интервентните“ вредности.

Трајче Стафилов, истражувач и некогашен професор по хемија, на неколку пати објаснуваше дека основната јаловина кај рудниот е половина милион тони, а содржи некаде 1,5 до 2 проценти арсен. Но, тоа црвено-портокаловото е 50 отсто арсен, високо токсичен и ставен во канцерогрена група според Светската здравствена организација. Со тимот го истражувале и снимале арсенот кај железничката станица – водите го носат кон Табановска Река, а таа се слива во Пчиња.
Со сите овие изложености, организацијата „Еко-свест“ локалитетот го нарекува „тивок убиец“.
„Потребна е итна дислокација на отпадот и рекултивација на почвата! Без безбедно расчистување на отпадот, Владата не смее да планира идни активности за овој рудник“, нагласуваат од „Еко-свест“.
Критики за досегашните, ама и за идните концесионери
Еколозите долго време се критични дека концесиите се неефективни. Односно, државата потфрла со тоа што наместо да најде пари и нови начини да се исчистат остатоците од некогашните фабрики и рудници од Југославија, обично ангажира фирми што копаат минерални суровини, без да ги исполнат докрај обврските за чистење на депониите. Нема ниту јасен план за управување со ваквите контаминирани подрачја.
Сега, нови критики дојдоа на сметка на измените на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, усвоени во Собрание по брза постапка. Еко-организациите сметаат дека тие отвораат сериозни ризици за животната средина, јавното здравје и ресурсите на Македонија.
„Со новиот закон, компанијата добива дозвола за ископ пред да ти ја откупи земјата. Ти сè уште си сопственик – тие веќе копаат. Владата сама одлучува кој минерал е ‘стратешки’ – без суд, без граѓани, без жалба. Утре можат да го прогласат твојот двор или ридот зад твојата куќа за државен приоритет. Приватна компанија сама иницира рударски проект – не државата, не јавниот интерес. Бизнисот само кажува каде сака да копа, Владата потпишува. Законот ги заобиколува Законот за води, Законот за животна средина и Законот за заштита на природата. Ова е директно спротивно на Уставот“, реагираа од „Зелена народна стража“.
Периодов актуелно е и рестартирањето на рудникот за антимон „Крстов Дол“ кај Крива Паланка. На локацијата ќе работи „Пела глобал лимитед“ (Pela Global Limited)“, фирма во сопственост на Австралиецот со македонско потекло Ник Јовановски, чија главна стратешка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во земјава.
Слично како и Лојане, локалитетот е познат по присуството на антимон, за кој премиерот Христијан Мицкоски рече дека е „редок минерал, што може за нашата економија да значи многу“.
„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД, тоа е еден заокружен циклус. Нешто кое што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани“, рече неодамна Мицкоски.
Од друга страна, иницијативата „Зелен хуман град“ смета дека „старите жаришта уште не трујат, а се прават нови“.
„При ископ и дробење на антимон се создава фина прашина што ако се вдише може да предизвика разни здравствени последици на белите дробови. Како производ на ископувањето на антимон ако се користи флотација се создаваат огромни количества на отпад хидројаловина што се складира во брани. Ако браната за хидројаловина протече или пукне може да дојде до катастрофа! Низ светот има примери од огромен број на уништени екосистеми од рудници и тоа најчесто се случува во корумпирани/сиромашни земји како нашата“, реагираа од „Зелен хуман град“.


