Ксенија Николова/Фото: Приватна архива

Ксенија Николова: Секогаш ќе бидам дел од разговорот што ми недостигаше кога ми беше најтешко

Предизвиците се надминуваат и потоа се претвораат во нешто што засекогаш го менува нашиот живот, и честопати, кон подобро.

Ксенија Николова, авторка и креаторка на содржини преку своето пишување, визуелни проекти и активности на социјалните мрежи, гради препознатлив уметнички израз. Таа во моментот работи на нов роман, а инспирацијата ја црпи од секојдневието, литературата и личните искуства. Во интервјуто за „Слободен печат“ зборува за пишувањето, видеата на Инстаграм, модата, како и за предизвиците и навиките кои го обликуваат нејзиниот живот и работа.

Ксенија Николова/Фото: Приватна архива

Лето е… дали и за тебе совршениот одмор значи плажа, книга и мир? Што читаш во моментов и имаш ли книга што би ја препорачала како задолжително четиво што секој треба барем еднаш да го прочита?

– Совршениот одмор е таму каде што душата се одмора, мислите се бистрат и создаваме спомени. Каде и да е тоа, важни ми се овие нешта. Што се однесува на книгите, моментално го пишувам мојот нов роман и веќе сум влезена во приказната, а тоа значи дека нема простор за други приказни, таков е мојот креативен процес. Книга што би ја препорачала… хм, навистина има толку многу книги што треба да се прочитаат и писатели и писателки што оставиле силен печат на мојата душа, Достоевски, Хемингвеј, Шарлот Бронте, Вирџинија Вулф, Горан Стефановски, Дејан Дуковски…

Од каде се роди љубовта кон пишувањето?

– Пишувањето отсекогаш било дел од мене, не се работело за одлука, туку за природен порив што сум го чувствувала. Пишувањето е моето дишење, не би знаела како да опстојам без тој канал низ кој течат моите најдлабоки емоции. Кога е нешто впечатено во нашето јадро, тогаш се работи за повеќе од љубов, се работи за идентитет и призма низ која се доживува животот. Јас секогаш ќе бидам раскажувач, зборовите секогаш ќе ми се плетат на чудесен начин и во сите нешта околу мене јас секогаш ќе гледам приказни кои ме движат и сакам да ги раскажам.

Освен книгите, посебно инспирираат твоите видеа на Инстаграм, во кои спојуваш моќни пораки, музика и впечатлив моден стил. Колку ти е важно визуелното изразување и дали сметаш дека понекогаш едно видео може да пренесе емоција исто толку силно колку и една книга?

– Технологијата ни нуди платформи и можности нашата порака, нашата уметност и нашите приказни да патуваат и да се трансформираат низ разни форми. Визуелното изразување отсекогаш ме инспирирало и сметам дека на тој начин пишаниот збор се оживува низ повеќе димензии. Оттаму дојде и идејата за некои мои текстови да ги кажувам на сцена, движејќи се, а тоа да се претвори во кратко видео. Секогаш творам од истото место во моето срце, без разлика каква е крајната форма и сметам дека публиката тоа го препознава.

Ксенија Николова/Фото: Приватна архива

Секогаш изгледаш беспрекорно средено и со препознатлив стил. Дали модата е твоја пасија и колку внимание посветуваш на изборот на секој аутфит?

– Благодарам, ми значи. Кога имам здрав и квалитетен однос со себе, мојот живот е подобар и јас сум посреќна. Сакам да се негувам, себеси, својот стил, важно ми е да растам и да ја развивам својата естетика. Мојот стил е минималистички и бирам парчиња кои ќе ми траат и во кои се пронаоѓам на подолги патеки. Одамна ги надраснав моменталните трендови во секоја смисла на тој збор, како во стилот, така и во сите други димензии на животот.

Твоите книги допреа до многу читатели, особено жени што се пронаоѓаат во твоите зборови. Кој коментар или порака од читател ти останал најдлабоко во срцето?

– Моите читатели постојано комуницираат со мене и често споделуваат дека моите книги им промениле нешто во животот. Во суштината, уметноста е движечка сила и нема поголема радост за мене кога ќе сфатам дека тоа што сум го создала со моите две раце, ги движи луѓето, им значи и ги допира, толку искрено и силно, што веќе станува нивно.

Јавно зборуваше за предизвиците низ кои си поминала со менталното здравје. Што би им порачала на луѓето што денес се соочуваат со слични искушенија?

– Секогаш ќе го користам мојот глас за да ги туркам бариерите барем малку понапред и да бидам дел од разговорот што мене ми беше најпотребен кога минував низ моите тешки периоди. Пораката е јасна, не сме сами и да се бара помош е многу, многу важно. Предизвиците се надминуваат и потоа се претвораат во нешто што засекогаш го менува нашиот живот, и честопати, кон подобро.

Ксенија Николова/Фото: Приватна архива

Кога не пишуваш и не создаваш содржини за социјалните мрежи, како изгледа еден сосема обичен ден на Ксенија Николова?

– Станувам рано, го пијам моето кафе, вежбам, поминувам време со најблиските, со моите мачки, се дружам со природата, гледам филмови, одам во театар, слушам музика и ја набљудувам Месечината.

Кога би можела да ѝ испратиш една порака на Ксенија од пред десет години, што би ѝ рекла?

– Мораше да биде вака, а еден ден ќе сфатиш зошто. Сè е за тебе, мила моја.

Ксенија Николова/Фото: Приватна архива

 

Интервју со актерот Петар Стојанов: Еден поглед од Емра беше доволен, сè друго е историја

Интервју со Валентин Петрески, ТВ-водител: Како и во кујната, така и пред камера, не одам по правила, туку по свој рецепт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот