Фото: Монтажа / Икс

ВИДЕО | Нов биланс од земјотресот во Венецуела: загинаа 589 луѓе, околу 3.000 се повредени, а по илјадници се трага

Во двата разорни земјотреси во Венецуела загинаа 589 луѓе, а повредени се 2.980, соопшти денеска претседателката Делси Родригез, пренесува Си-ен-ен.

Taa ja даде изјавата опкружена со официјални лица и воен персонал, поздравувајќи го пристигнувањето на спасувачките екипи од целиот свет во Венецуела.

„Ќе ги спасиме луѓето што се заробени. Неуморно работиме на оваа задача“, рече Родригез.

Таа истакна дека венецуелската држава Ла Гваира е најтешко погодена од земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени што ја потресоа земјата завчера вечер.

Додаде дека ситуацијата таму е под контрола на војската додека спасувачките екипи бараат преживеани и дистрибуираат храна и вода.

Колони со помош и спасувачи се упатуваат кон најпогодените подрачја

Десетици возила со спасувачи и хуманитарна помош се движат кон Ла Гуаира, додека меѓународната спасувачка мисија добива на интензитет, соопшти венецуелското Министерство за транспорт.

Според министерството, голем број теренски возила и автобуси со тешка механизација и неопходна опрема се испратени на релацијата меѓу Ла Гуаира и главниот град Каракас за поддршка на големата спасувачка операција.

Хуманитарна помош наскоро се очекува да пристигне и од градот Валенсија, западно од Каракас.

Во меѓувреме, 15 автобуси превезуваат меѓународни спасувачки тимови од воздухопловната база „Ел Либертадор“, југозападно од Каракас, кон најтешко погодените области за да помогнат во потрагата и спасувањето.

Меѓународниот аеродром во Каракас останува затворен за комерцијални летови. Пристаништето во Ла Гуаира ќе служи како логистички центар за прием, складирање и дистрибуција на хуманитарна помош, додека сите други пристаништа продолжуваат да работат нормално, соопштија властите.

Државната поштенска служба на Венецуела – Институтот за поштенски и телеграфски услуги (IPOSTEL) – е претворена во центар за собирање безбедна вода за пиење, медицински материјали и други неопходни средства за помош и во моментов обезбедува поддршка за повеќе од 2.000 погодени лица.

Спасувачи трагаат по жртви заробени под урнатините по земјотресите во Венецуела — илјадници се исчезнати

Венецуелци во странство зборуваат за стравот и неизвесноста за своите најблиски

Венецуелец кој живее во Обединетото Кралство раскажа како негов пријател за влакно ја избегнал смртта откако трикатната зграда во која живеел се урнала во силните земјотреси што ја погодија Венецуела, пренесува Си-ен-ен.

Пријателот живеел во Ла Гуаира, каде што голем број згради не ги издржале потресите. Според Микел Фео, кој даде изјава од Лондон, тој спиел во својата соба кога се случила катастрофата.

„Штом излезе, веднаш штом ја премина влезната врата од куќата, сè се урна зад него“, изјави 35-годишниот Фео.

Тој раскажа и за друга пријателка која сè уште не знае каде се нејзините роднини.

„Нејзината тетка, чичко и братучедите се исчезнати. Се чека тешка механизација да го расчисти шутот за да се види дали ќе ги пронајдат под урнатините“, рече тој.

Фео зборуваше и за чувството на беспомошност и гнев што го споделуваат милиони Венецуелци кои живеат надвор од својата татковина.

„Како Венецуелец, како и милиони други што се надвор од земјата, чувствуваме огромен гнев и нетрпение затоа што не можеме да бидеме таму. Не можеме да помогнеме, да подадеме рака и да ги извлекуваме луѓето од урнатите згради“, изјави тој.

ВИДЕО | Емотивен момент — постар пар силно се прегрна додека земјата се тресеше во Венецуела

Друга Венецуелка која живее во Велика Британија, 49-годишната Карина Артеага, рече дека познава луѓе кои ги загубиле своите семејства и домовите.

„Мојата најдобра пријателка овде во Велика Британија нема никакви информации за дел од своите роднини во Ла Гуаира. Во овој момент не знаеме што да мислиме“, изјави таа за Си-ен-ен.

Таа додаде дека под урнатините сè уште има преживеани кои повикуваат на помош.

„Ми кажаа дека многу соседи се обидуваат да помогнат, но имаат само светилки од мобилните телефони и работат со голи раце“, нагласи таа.

Хорор по силните земјотреси во Венецуела – семејства копаат по урнатините и ги бараат најблиските

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот