Во Астралија забраната за социјални мрежи не дава резултати — владата дополнително ќе ги заострува законите
Австралиската влада планира да ги заостри законите со кои на децата помлади од 16 години им се забранува користење социјалните мрежи, соопшти премиерот Ентони Албанезе, пренесува Еј-би-си њуз.
Препорачано
Австралија беше првата земја во светот што усвои вакво законско решение, а потоа нејзиниот пример го следеа и други држави. Сепак, според аналитичарите, забраната за малолетници да имаат профили на платформи како Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб не дала очекувани резултати откако стапи на сила лани на 10 декември.
Оттука, Албанезе изјави во Парламентот дека владата разгледува нови мерки за дополнително зајакнување на забраната.
„Работиме на тоа како приоритет, бидејќи ова е проблем со кој претходните генерации не се соочуваа, поради што е и сложен“, рече тој.
Премиерот истакна дека владата проверува дали „законите се најсилни што можат да бидат“ и дали комесарката за онлајн безбедност Жули Инман Грант ги има сите потребни овластувања.
Минатата недела и Обединетото Кралство најави планови за забрана на користење на одредени социјални мрежи за деца под 16 години, со цел да ги заштити од штетни содржини и прекумерно време поминато пред екран.
Во меѓувреме, Канада, Бразил и Индонезија веќе воведоа закони или најавија старосни ограничувања за пристап на децата до социјалните мрежи. Слични мерки разгледуваат и Франција, Шпанија, Данска, Тајланд и Јужна Кореја.
Турција воведува ограничувања на социјалните мрежи за деца под 15 години
Комесарката Инман Грант уште во април најави дека размислува за судска постапка против Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, Тик-ток и Јутјуб, обвинувајќи ги дека не прават доволно за да ги отстранат профилите на малолетните корисници.
Овие платформи, како и Х, Кик, Редит Тредс и Твич, се соочуваат со казни до 49,5 милиони австралиски долари (околу 34 милиони американски долари) доколку не преземат разумни мерки за отстранување на профилите на деца помлади од 16 години.
Експертката за информатички науки од Лиза Гивен, оцени дека предложените измени се директен одговор на доказите дека сегашната забрана не функционира.
Таа се повика на податоците на Комесаријатот за е-безбедност, објавени во март, според кои седум од десет малолетни деца и понатаму имаат профили на Фејсбук, Инстаграм, Снепчет и Тик-ток и покрај забраната.
Студија покажа што се случува со луѓето откако 6 недели ќе се откажат од Фејсбук и Инстаграм
Гивен го посочи и истражувањето објавено во средата во научното списание „Бритиш медикал журнал“, според кое 85 проценти од Австралијците на возраст од 12 до 17 години користат платформи на кои имаат ограничен пристап.
„Мислам дека забраната не функционира. И многу деца кои зборуваа во медиумите велат дека ова е неуспешна мерка“, изјави таа.
Весникот „Сиднеј морнинг хералд“ претходно објави изјава на Инман Грант дека „нема доволно силни овластувања“ за спроведување на законот.
„Регулаторот е ефикасен само онолку колку што се добри алатките и ресурсите што му се ставени на располагање“, изјавила таа.
Според Гивен, комесарката се соочува со сериозен предизвик бидејќи платформите се спротивставуваат на спроведувањето на законските обврски.
„Или Комесарот за е-безбедност треба да добие поголеми овластувања, или мора да се најде поинаков начин за спроведување на законот“, нагласи таа.
Таа очекува судовите да утврдат што точно претставуваат „разумни мерки“ што платформите мора да ги преземат за да ги спречат децата да користат социјални мрежи.
Премиерот Албанезе најави дека владата ќе продолжи и со донесување закон за дигитална должност на грижа, со кој платформите ќе бидат одговорни за штетата што може да ја предизвикаат нивните содржини и алгоритми.
Австралија сака да оданочува социјални мрежи за да финансира медиуми, „Мета“ вели „законот не е фер“


