Вардар го има најдобриот среден бек во Лига Европа за минатата сезона
Ракометарот на Вардар, Јака Малус, доби уште едно значајно признание по одличната сезона во дресот на македонскиот шампион, откако беше избран во идеалниот тим на Европската лига на Европската ракометна федерација.
Препорачано
Словенечкиот репрезентативец е избран за најдобар среден бек во изборот на администраторите на официјалниот профил на натпреварувањето, како потврда за неговите одлични настапи во текот на европската сезона.
Малус беше еден од клучните играчи на „црвено-црните“, успешно ја организираше играта на тимот и беше меѓу најистакнатите стрелци и асистенти. Со своите настапи даде голем придонес Вардар да стигне до четвртфиналето на Европската лига и да биде меѓу осумте најдобри екипи во натпреварувањето.
Покрај словенечкиот плејмејкер, во идеалниот тим се најдоа и Небојша Симиќ (Мелсунген) на голот, Емил Јакобсен (Фленсбург) на левото крило, Тин Лучин (Нексе) на позицијата лев бек, Јоханес Гола (Фленсбург) како кружен напаѓач, Валентин Порте (Монпелје) на десниот бек, Бенце Имре (Кил) на десното крило, додека за најдобар дефанзивец е избран Адријан Шипош од Мелсунген.
Од Малус се очекува да биде еден од главните носители на играта на Вардар и во претстојната сезона, во која најтрофејниот македонски ракометен клуб повторно ќе настапува во Лигата на шампионите.


