Криминалци без психичка болест завршувале на лекување наместо во затвор – Народниот правобранител утврдил злоупотреби во „Демир Хисар“

Тимот на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител, при контрола во психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025 година, затекнал околу 20 осудени лица, сторители на кривични дела, кои според утврденото не се психички болни, туку здрави и пресметливи.

Според заменичката-народен правобранител Соња Трифуновска, станува збор за лица за кои постојат сомнежи дека преку коруптивни вештачења и лажни наоди за нарушено психичко здравје го избегнале затворот и биле упатени на психијатриско лекување.

Трифуновска, на денешната презентација на извештајот на НПМ, рече дека Националниот превентивен механизам се обратил и до Комората на вештаци, од која побарал информации за примената на етичките и професионалните стандарди при судско-психијатриските вештачења.

Таа посочи дека состојбата во болницата е сериозна и дека вработените се прегорени. Наместо да се грижат за вистинските пациенти, особено за најтешко болните, медицинскиот персонал бил принуден да се справува и со лица со изразен криминален профил.

Според наодите, тие лица ги малтретирале, злоупотребувале, заплашувале и виктимизирале болните, а биле забележани и бегства од болницата. Во „Демир Хисар“ нема затворска полиција, бидејќи станува збор за здравствена установа во која сите сместени лица треба да бидат пациенти.

Медицинските техничари, психијатрите и останатите здравствени работници, кои се обучени за терапевтска работа, а не за обезбедување и контрола на лица со криминален профил, биле изложени на зголемен професионален и личен ризик, вклучително и на закани.

Целта на посетата на НПМ била да се испита состојбата со пациентите сместени во Форензичкото одделение, откако до тимот стигнале информации за проблематични случаи.

„Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења со кои, наместо правосилни затворски казни, лицата заради својата психичка состојба, односно наводна непресметливост, се упатуваат на Форензичкото одделение во оваа болница“, рече Трифуновска.

Таа додаде дека болницата нема ниту соодветно обезбедување, ниту услови за задржување и грижа за ваков профил на лица, поради што бегствата биле честа појава. Во изминатиот период имало и случај на самоубиство.

Дел од вработените со кои разговарал тимот на НПМ покажале очигледни знаци на фрустрација, разочараност и прегореност. Дополнителен проблем е и тоа што болницата немала стабилно раководство – од 2024 година до денот на посетата на НПМ биле сменети четворица директори.

Трифуновска предупреди дека ваквата состојба го поткопува принципот на еднаквост пред законот и правичноста на постапките. Наместо казната да биде резултат на објективно утврдена вина и одговорност, постои сомнеж дека таа станува производ на влијание врз експертската проценка.

Според неа, најголемата штета ја трпат вистинските пациенти. Времето и вниманието на медицинскиот персонал се насочуваат кон лица кои не се реални пациенти, додека лицата со итна и сериозна психијатриска потреба се соочуваат со подолго чекање, помало внимание и влошени услови за лекување.

Мозоци на починати Македонци со психијатриска дијагноза, како чекиран багаж биле транспортирани на комерцијални летови во САД и Канада за медицински истражувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот