Фото: Pexels / Anna Shvets

Мозоци на починати Македонци со психијатриска дијагноза, како чекиран багаж биле транспортирани на комерцијални летови во САД и Канада за медицински истражувања

Последната транша на јавно објавени документи и преписки во досието на покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, сосема неочекувано ја актуелизираше темата за која малкумина во Македонија имаа слушнато освен ако не се занимавааат со психијатрија, форензика или судска медицина. Во купот објавени мејлови, фотографии и фајлови поврзани со Џефри Епстин, „заскита“ и едно истражување на „Блумберг Бизнисвик“ кое за пошироката јавност во Македонија предизвика шок и измешани реакции. Во новинарското истражување се тврди дека Универзитетот Колумбија во САД работел на колекционирање човечки мозоци од починати луѓе, за научно истражување меѓу другото и за депресија и самоубиства. Во текстот пишува дека дел од овие мозоци од починати луѓе доаѓале и од Македонија.

Иако за поголемиот дел граѓани кои не се вклучени во ваквите научни медицински достигнувања на македонските бели мантили информацијата беше новост, сепак луѓето од Македонија кои биле вклучени во проектот за обезбедување на мозоци од починати луѓе во земјава, јавно говореле за него и го објаснувале процесот преку научни статии и транскрипти објавени на National Library of Medicine.

„Слободен печат“ анализираше една таква медицинска статија од 2012 година потпишана од поранешниот директор на Институтот за судска медицина професор доктор Алексеј Дума, научникот и професор со потекло од Македонија кој предава на Универзитетот Колумбија д-р Горазд Росоклија и од уште еден професор по клиничка патологија од Универзитетот Колумбија д-р Ендру Џеј Диворк.

Во апстрактот кој може да се погледне на следниот линк од горенаведените автори, е објаснето дека Македонија „извезувала“ мозоци од кадавери за научни истражувања во Америка и во Канада и дека бројката на примероци кои се собирале годишно била меѓу 25 и 75 мозоци. Апстрактот е пишуван во 2012 година.

„Македонија е мала држава и во моментот на пишување на оваа статија, независна е само во последните 22 години. Медицинските истражувања кои бараат голема инфраструктура се ограничени. Во оваа статија го опишуваме нашето искуство во развојот на македонската наука преку заеднички корисна соработка меѓу институциите во Македонија и САД“, почнува статијата.

Во неа авторите откриваат дека во 1996 година почнала соработка меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и психијатрискиот оддел на Универзитетот Колумбија.

Предмет на оваа соработка беше невропатологијата на шизофренијата. Примероците од обдукциите и клиничките информации требаше да се собираат во Македонија, а невропатолошките истражувања требаше да се спроведуваат во Њујорк.

Логиката на оваа соработка беше дека Македонија има „висока стапка на обдукции“ и група на добро едуцирани доктори кои освен платите, немаа голема поддршка за истражувачка работа.

Универзитетот Колумбија од друга страна, имаше многу ресурси за истражувања за мозокот, но само неколку обдукции од психијатриски случаи, кои беа изведени на раштркани локации од страна на презафатени патолози кои имаа малку време да им се посветат на долгите протоколи за обдукциска екстракција на мозокот. Целите беа да воспоставиме добар систем за да се собираат примероци од обдукција за психијатриско истражување, наведуваат авторите.

Втората цел како што навеле, им била да развијат истражувачка култура во некои оддели на Медицинскиот факултет во Скопје до нивото кое би се очекувало во Северна Америка или Западна Европа.

 Потоа во научната статија се вели дека еден од нејзините автори, Горазд Росоклија дошол на Колумбија да врши истражувања во невропатологијата и таму се сретнал со друг доктор вклучен во проектот д-р Ендру Џеј Диворк, невропатолог кој „ја видел потребата од постојан извор на мозоци од психијатриска обдукција“.

Росоклија пак, добро го познавал тогашниот директор на Институтот за судска медицина Алексеј Дума кој пак сметал дека Институтот и персоналот треба сериозно да се позанимаваат со медицинско истражување. Во статијата се споменува дека истиот светоглед го делел и директорот на Клиниката за психијатрија во Скопје.

Со институционален пилот-грант од 5.000 долари од одделот за психијатриски истражувања на Универзитетот Колумбија, го посетивме Медицинскиот факултет во Скопје и одржавме предавања за нашето истражување. Психијатар од Скопје го посети Универзитетот Колумбија на тримесечна обука, наведуваат авторите.

Потоа додаваат дека директорот на психијатриската болница им наложил на своите вработени да упатуваат обдукции во Институтот за судска медицина во Скопјe.

Неколку мозоци беа собрани во формалин, а потоа беа извршени клинички дијагностички прегледи. Понатамошното скромно финансирање, добиено следната година од Фондацијата Фогарти преку Заедничкиот фонд за наука и технологија на САД и Македонија, овозможи дополнително патување и мали количини на материјали. Од еднаква важност, ова претставуваше успех во отворениот процес на рецензија од страна на колеги со заедничко американско и македонско учество, со што им покажа на амбициозните македонски истражувачи дека ветувачката наука може успешно да се натпреварува со локалната академска хиерархија, се наведува во апстрактот.

Македонците беа добро запознаени со буџетот и беа импресионирани што сите средства беа искористени за трошоци на проектот, за разлика од нивните претходни впечатоци дека странските средства одеа претежно кај странските истражувачи, со мали исплати за македонските директори, продолжуваат авторите.

Со овие средства, уште неколку македонски психијатри беа обучени во Њујорк и во Скопје за Модифицирана дијагностичка евалуација по смртта (mDEAD)  а опсегот на проектот беше проширен за да вклучи самоубиство и нарушувања на расположението. Македонските патолози беа обучени како да собираат замрзнати примероци, а неколкумина го посетија Универзитетот Колумбија за да набљудуваат како се користат примероците, пишува во апстрактот.

Авторите наведуваат дека еден македонски психијатар и еден патолог кои биле на посета добиле ангажман на тековен проект на Универзитетот Колумбија. Двајцата добиле независни грантови на Универзитетот Колумбија.

Конечно, во 2002 година, од Националниот институт за ментално здравје биле добиени средства за финансирање на соработката на двата континента, така што можело да се обезбеди материјал за неколку истражувачки студии на Медицинскиот факултет во Скопјe, Универзитетот Колумбија и други институции.

Ова конечно ни овозможи да започнеме со исплати за времето на психијатрите и патолозите кои работеа во Македонија, велат авторите. 

Потоа, според нив, неколку други директори во земјава понудиле да се приклучат кон проектот ако нивните Инстиути бидат платени, а се споменува и дека Министерството за наука многу ги охрабрувало проектите на авторите.

-Со соработката се собираат приближно меѓу 25 и 75 мозоци годишно, со среден пост-мортем интервал од 13 часа. Исеченото ткиво е смрзнато, други парчиња се фиксирани во формалин 5 дена и потоа се трансферирани во бафер за да ја зачуваат имунореактивноста. Со непосреден пристап до свежо ткиво, бевме во можност да развиеме нова постапка за Голџиево боење на неврони, со униформност и сигурност без преседан кај човечките примероци. Поголемиот дел од психолошките обдукции се завршуваат неколку дена по смртта. Податоците од ткивото и клиничките податоци се користени во 39 финансирани истражувачки проекти во САД, Канада и Македонија, пишуваат авторите. 

Во апстрактот од 2012 година кој го разгледавме пишува и дека авторите се бореле со „колонијалната карактеризација во медиумите“.

-Се потрудивме да се сретнеме со новинари и владини претставници, вклучително со првите двајца претседатели на Македонија, да им го објасниме научното значење на проектот и нашите надежи дека тој ќе помогне да се развие македонската наука. Го донесовме раководителот на нашиот оддел во Македонија каде одржа предавања во МАНУ, се сретна со академски и владини лидери. Никогаш не баравме финансиски средства од македонски извори, пишува во студијата.

Вториот проблем со кој се соочиле, според нив било отсуството на институционална традиција на истражување и соработка. Форензичките патолози не сакале да споделуваат информации со психијатрите кои ги сметале за „аутсајдери“ така што психолошките обдукции не се ни правеле на многу од првите случаи, што подоцна било надминато.

-Постојано повторувавме дека ни треба соработка и дека ткивото е бескорисно без клиничките информации. За некоја година нашето инсистирање се исплатеше, бидејќи форензичките патолози развија лични врски со психијатрите. Иако Медицинскиот факултет имаше етички комитет, немаше барање за одобрение за истражувачки протоколи, бидејќи имаше природен отпор да се предложуваат предлози за преглед. Моравме да инсистираме на непходност од протоколи и да ги објаснуваме како заштита од лажни обвиненија кои не се невообичаени во македонскиот печат. Моравме да инсистираме на неговата неопходност и да ја објасниме неговата вредност како заштита од лажни обвиненија за несоодветност (кои не се невообичаени во македонскиот печат). Кога стана соодветно, етичките комитети на Медицинскиот факултет и на МАНУ беа регистрирани во Канцеларијата на САД за заштита на човечки истражувања, а сите институции учеснички поднесоа федерални гаранции, опишуваат авторите.

Се наведува дека „административните проблеми во Македонија можеби би биле непремостливи без личното внимание на еден од авторите Горазд Росоклија.

Најголемата тешкотија беше да се добие дозвола за изнесување на ткивото од Македонија (наспроти тоа, дозволата за негово внесување во САД се добиваше со едно барање до Центрите за контрола на болести). Иако примероците беа земени како чекиран багаж на комерцијални летови, беше потребно, покрај добивањето дозволи од Министерството за здравство, да се вработи и експедитор кој ќе го придружува истражувачот што патуваше до аеродромот и формално ќе го извезеше ткивото, пишува во статијата. 

Авторите како една од придобивките од работата во Македонија го навеле „отсуството на бирократија“ – напишале дека тужбите се речиси невозможни, а заштитата на приватноста иако е потребна „е помалку оптоварувачка отколку во земјите што можат да си дозволат поголема регулатива“.

„Слободен печат“ упати прашања за оваа соработка на проекти во Министерството за здравство и кај авторот на статијата Росоклија, како и на Универзитетот Колумбија во САД. Доколку добиеме одговори ќе ги објавиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот