фото: Слободен печат
фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Како Македонија се справува со новите дизајнерски дроги?

Немаме Национално координативно тело за дроги, немаме Проверка на дроги-програми (Drug cheking програми), немаме центри за лекување зависници, а од друга страна застрашувачки се фактите што говорат за растечкиот тренд на нови типови дроги на пазарот, познати како дизајнерските дроги. Новите психоактивни супстанции стануваат сè подостапни, а сè потешко препознатливи и, за жал, сè поблиску до младите луѓе. По повод Светскиот ден на борба против дрогата – 26 јуни, разговаравме на оваа тема со стручни лица.

Во нашата земја циркулираат новите дроги, но не се знае колку. ХОПСС направи релевантни истражувања од повеќе анонимни испитаници, но проблемот е во тоа што немаме никакви програми за следење на промените кај психоактивните супстанции.

– Нашите истражувања покажуваат дека граѓани на Македонија биле еднаш или повеќепати консументи на нови типови дроги, но немаме информација дали таа дрога е купена тука или во странство. И, за жал, кај нас не постојат механизми за да го провериме тоа. Нашите институции се летаргични на оваа тема, иако низ годиниве се обидуваме да дадеме важност, сè уште оваа тема е на маргините од нашето општество – вели Христина Тодоровска, советник за намалување штети до ХОПСС.

Што се дизајнерски дроги?

Новите дроги или таканаречени дизајнерски дрог“ имаат сличен ефект на традиционалните, вели Тодоровска, која појаснува дека разликата е во составот, главниот адут со кој овие супстанции вешто го избегнуваат законот.

– Ако погледнеме низ историјата „новите дроги“, и не се толку нови според временската одредница. Датираат од 80-тите години на минатиот век, кога пробувале да прават алтернативи на опијатите, но резултатите биле фатални со чести предозирања како и хемиски предизвикан Паркинсон. Производството престанува, но потенцијалот на индустријата бил видлив за во раните 2000-ти да почнат да се истражуваат пиперазините како лекови, но и како легални екстази. Најголемиот бум со новите психоактивни супстанции е забележан во 2010-2012 година – вели таа.

Христина Тодоровска/фото: Слободен печат
Христина Тодоровска/фото: Слободен печат

Проверка на дроги (Drug checking) е услуга преку која се анализира самата супстанција со цел да се утврди нејзиниот состав, јачина и присуство на потенцијално опасни состојки.

– Во Барселона имав можност да посетам место каде што се врши таква услуга, „chekpoint“ им се вика местото, работат преку ден. Таму одиш со дел од супстанцијата и го оставаш на проверка и ти даваат лист со бројче (анонимно е) и потоа на имејл те известуваат за твојот примерок – споделува Тодоровска.

Еден од клучните начини за борбата против дрогата е едукацијатa, согласни се наште соговорници што премиерно во „Слободен печат“ ја презентираа новата европска платформа „Next gen harm reduction“, бесплатна и достапна за сите и на македонски јазик.

– Многу е важно да се сфати сериозноста на оваа платформа не само од стручните лица и засегнатите страни, како социјални работници, наставници, професори, педагози, психолози, полицијата, здравствените работници, туку и од родителите. Сите ги повикувам да одвојат кратко време, платформата е лесно читлива и кратка, а помага многу – вели Ивана Илиев, социјална работничка.

Ивана Илиев/фото: Слободен печат
Ивана Илиев/фото: Слободен печат

Вечна е борбата против дрогите, оти постоеле и ќе постојат, но намалувањето на штетите е суштинската игра што треба да се применува.

– Во 90-тите години на минатиот век, двајца истражувачи констатираат дека во Македонија е забележана хероинска епидемија. Тука се јавува стравот дека тоа може да прерасне во ХИВ и ХЕПАТИТИС епидемија. Така доаѓа до алатката позната како намалување на штета. Првите активности што ги преземаат самите корисници е делење бесплатен стерилен прибор за инјектирање. Ова се прави со цел да се спречи повеќе луѓе да користат ист прибор што се забележувало во практика, со што се зголемува ризикот од сексуално преносливи болести – вели Богдан Колев, експерт за намалување на штети во ХОПСС.

Како што вели Колев, да се убедуваат корисниците да се откажат од дозирање, низ годините, не покажало ефект. Како добар пример го посочува Исланд.

– Проблемот со алкохолот и ширењето на дрогата меѓу младите, Исланд го решава на одличен начин. Локалната самоуправа го зеде во свои раце овој проблем. Тие сфаќаат дека со кампањи од типот „не консумирај дрога“ нема да постигнат ништо, туку тргнуваат од друга страна, применуваат тактики да дознаат зошто младината посегнува по дрога. Прават анонимни анкети преку училиштата, создаваат секции и бесплатни спортски активности за сите деца, како би можеле да се вклучат и децата од социјално загрозените семејства. Свесни сме дека не можен секој родител да го запише детето на некој спорт или дополнителна активност вон училиштето бидејќи тие услуги се скапи – вели нашиот соговорник.

Богдан Колев/фото: Слободен печат
Богдан Колев/фото: Слободен печат

Не е тешко да се имплементира кај нас тоа што го прави Исланд, но кај нас, како што велат нашите гости, овој проблем е ставен на маргините.

– За почеток мора да престанеме да ги третираме како криминалци корисниците на психоактивни супстанции. Наше истражување покажа дека полицијата многу лошо се однесува со младите што се фатени како консумираат дрога, тоа кај нив создава страв, и наместо да се охрабрат да пријават и да побараат помош, бараат поскришни места за да продолжат да го прават тоа. Потоа, неопходно ни е Национално координативно тело за дроги, кое ќе ја има улогата да ги координира сите актери во оваа проблематика. Ние немаме ни центри за лекување, ако некој сака да му се помогне, нема каде да го носиш – посочува Тодоровска.

Стравот кај корисниците да побараат помош доаѓа од општествената стигма, како што вели Илиев.

– Иако новите генерации се далеку похрабри и поотворени, и меѓу младите постои страв да побараат помош. Знаете, кај нас не е срамота да украдеш, да излажеш, но срамота е да побараш помош од стручно лице. Треба да се работи на охрабрување на младите да разговараат, но овде сакам да акцентирам дека внимателно треба да се одбира и стручното лице, бидејќи постојат соодветно ангажирани луѓе на оваа тематика, тие ви требаат – вели таа.

фото: Слободен печат
фото: Слободен печат

Колев, пак, решението го наоѓа во легализацијата.

– Јас би ги легализирал сите психоактивни супстанции. На пример, одам да купам во аптека кокаин. И сега сите ќе ме сфатат погрешно, дека ако е легализирано, сите ќе почнат да се дрогираат и да се влечат по улица, но тоа е сосема спротивното. Односно, тоа би значело регулација на супстанциите, како би се знаел секој чекор, кој купува, каде купува, во колку часот. И секако во дозволени дози надополнето со ригорозни казни – вели тој.

Погледнете ја дебатата на оваа тема на Јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот