Доживотен затвор за убиецот од Магдебург, кој со кола влета во толпа на Божиќниот пазар
Суд во Магдебург го осуди 51-годишниот психијатар од Саудиска Арабија на доживотен затвор, откако со изнајмен автомобил влета во толпа на божиќниот пазар и уби шест луѓе, а повреди стотици, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Судијата го прогласи за виновен за убиство и утврди дека е исполнет елементот на „особено тешка вина“, што во германското право е еквивалент на првостепено убиство во САД. Ова значи дека шансите за предвремено условно ослободување се значително намалени.
Пресудата сè уште може да се обжали.
Покрај шест убиства, осомничениот Талеб А. беше осуден и за неколку обиди за убиство и за предизвикување тешки телесни повреди.
Што се случи во нападот?
Во нападот на 20 декември 2024 година, животите ги изгубија пет жени и едно деветгодишно момче, а над 300 луѓе беа повредени.
Талеб А. беше уапсен на самото место, веднаш по нападот, додека сè уште бил зад воланот на изнајменото „БМВ“.
Овој напад беше еден од неколкуте во последните години насочени кон божиќни пазари во Германија и Европа, по што беа воведени дополнителни безбедносни мерки.
Напаѓачот успеал да ја заобиколи постојната безбедносна бариера и да влезе со возилото во пазарот.
Десничарската АФД повика на голем митинг по нападот во Магдебург
Нападот се случи пред германските федерални избори во 2025 година, кога прашањата поврзани со миграцијата добија централно место во политичката кампања.
Што знаеме за мотивот?
Талеб А. добил азил во Германија во 2006 година и бил остар критичар на политичкото и на религиозното прогонување од страна на саудиските власти.
Тој имал повеќекратни конфликти со германските власти. Иако бил остар критичар на исламот, јавно изразувал поддршка за крајната десница на интернет и се претставувал како активист за правата на саудиските жени.
Обвинителството смета дека тој делувал поради незадоволство од повеќе порази во граѓански и во кривични постапки и дека дејствувал сам.
„Обвинетиот бил и останал фокусиран само на себе,“ тврдеа обвинителите.
Неговото сведочење во судницата честопати било нејасно и противречно. Тој, на пример, признал дека возел низ пазарот, но истовремено негирал дека намерно газел луѓе — став кој обвинителството го оцени како апсурден.
Психијатриски експерт дијагностицирал нарцисоидно растројство на личноста, но утврдил дека обвинетиот бил целосно кривично одговорен и дека сè уште претставува опасност.
Магдебург: Напаѓачот-доктор кој со автомобилот косеше се пред себе уби четири луѓе


