Спасувачи трагаат по жртви заробени под урнатините по земјотресите во Венецуела — илјадници се исчезнати
Спасувачките екипи цела ноќ работеа на извлекување на стотици Венецуелци заробени под урнатини и на пронаоѓање на илјадници исчезнати по разорните земјотреси кои опустошија делови од и околу главниот град Каракас, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Владата соопшти дека 235 тела се пренесени во медицински центри, но не даде вкупна проценка за жртвите од потресите со јачина 7,2 и 7,5 степени, кои во средата ја погодија земјата.
Веб-страница за следење на исчезнати луѓе, споделена од опозициски лидери во политички поделената земја, наведува дека 49.500 луѓе се водат како исчезнати, додека Геолошкиот завод на САД процени повеќе од 10.000 смртни случаи.
Шпанското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца нејзини државјани загинале, а уште околу 80 се водат како исчезнати.
Додека пристигнуваа странски спасувачки тимови, пожарникари, војници и загрижени граѓани пребаруваа низ разурнатите згради, дел од нив со голи раце и со батериски ламби во делови каде што немало струја.
„Тој е под плочите и нема механизација да го извлечеме“, изјави Јамилет Хименез за својот 19-годишен син кој е заробен во урнатините на нивната седумкатна станбена зграда во градот Ла Гваира, близу Каракас.
Илјадници луѓе останаа без дом во земја веќе ослабена од децениски економски и политички турбуленции кои ја осиромашија државата, предизвикаа егзодус на милиони и ја уништија основната инфраструктура и услуги.
Многумина живеат во импровизирани сиромашни населби на ридовите, наречени „бариос“.
Голем број луѓе спиеја по улиците
Владата потврди дека се оштетени или уништени 250 згради. Најмалку осум болници, Венецуелскиот Црвен крст и француската амбасада се меѓу објектите кои претрпеле сериозна штета.
Бројни доброволци се упатија по автопатот Каракас–Ла Гваира носејќи вода, храна и лекови за жртвите.
Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела се искачи на 164, има и 971 повреден
„Изгубивме сè. Се надеваме дека помошта брзо ќе пристигне“, рече Педро Перез, 64, сопственик на работилница за тапацир, кој останал без дом и спие на улица со сопругата и со децата.
Во близина на епицентарот во Морон, крајбрежен град во државата Карабобо, куќите се урнале, а жителите останале без вода и без електрична енергија. Семејствата спасувале што можеле, вклучувајќи душеци, телевизори и машини за перење.
Новинари на Ројтерс забележале припадници на „колективос“ — моторџиски групи кои долго се обвинети за вознемирување на опозициски поддржувачи — како помагаат во спасувачките акции.
Помош од странство
Земји од целиот свет понудија поддршка, дури и некои кои во минатото биле во конфликт со Венецуела поради децениска меѓународна изолација, политичка репресија и економски пад под владеењето на Социјалистичката партија.
Привремената претседателка на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата откако САД во јануари го заробија поранешниот лидер Николас Мадуро, им се заблагодари и на американскиот претседател Доналд Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин за нивната помош.
Вашингтон ги олесни санкциите за да овозможи испорака на помош за земјотресот, која инаку би била забранета.
Трамп изјави дека САД се „подготвени и способни да помогнат“. Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе испрати спасувачки тимови, додека Пентагон ќе помогне со логистика и со поддршка на оштетениот аеродром во Каракас.
Родригез објави снимки од пристигнување на мексикански војници и кучиња трагачи на оштетениот аеродром во Ла Гваира, кој е отворен само за државни и воени летови.
Шефот за хуманитарна помош на ОН, Том Флечер, изјави дека организацијата ги координира меѓународните спасувачки тимови и дека ќе биде потребен „масивен заеднички напор“ во земја каде што и пред земјотресот 8 милиони луѓе имале потреба од хуманитарна помош.
Досега, најсмртоносниот земјотрес во модерната историја на Венецуела беше во 1967 година, кога загинаа 240 луѓе.
Хорор по силните земјотреси во Венецуела – семејства копаат по урнатините и ги бараат најблиските


