НАТО мора да се подготви за ескалација од Русија, предупреди Полска
Полскиот премиер Доналд Туск вчера предупреди дека земјите што граничат со Русија мора да се подготват за „различни форми на ескалација“, додека безбедносната состојба на источниот крилo на НАТО останува „многу нестабилна“, објави „Анадолија“.
Препорачано
По состанокот на лидерите од источниот дел на НАТО во северниот полски град Гдањск, Туск изјави дека земјите што делат граници со Русија, со Белорусија и со Украина се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и мора да ги координираат своите одговори.
„Едногласно делиме став дека ситуацијата е многу нестабилна и дека во наредните недели и месеци може да се очекуваат различни форми на ескалација“, изјави Туск.
Состанокот, одржан на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, ги собра лидерите од Полска, од Романија, од Естонија, од Латвија, од Литванија, од Финска и од Шведска, што ја одразува растечката загриженост меѓу земјите на првата линија на НАТО поради воената позиција на Русија.
Русија го повлече амбасадорот од Ерменија, ѝ се закани со „украинско сценарио“
Туск рече дека учесничките земји се „директно изложени“ на потенцијални закани поради нивната географска положба и дека ќе соработуваат доколку безбедносната состојба се влоши.
„Нека ова биде предупредување за сите што планираат нешто штетно против која било од нашите земји“, рече тој.
Туск исто така ја нагласи важноста од одржување на силни трансатлантски врски, и покрај растечката неизвесност околу политиката на САД кон Европа под претседателот Доналд Трамп.
„Сите се согласуваме дека трансатлантските врски и најблиската можна одбранбена соработка со Соединетите Американски Држави бараат постојана посветеност“, рече тој.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, претходно предупреди дека Москва може да организира напад под „лажно знаме“ за да оправда понатамошна ескалација, по заканата на рускиот претседател Владимир Путин за одмазда против европските земји наводно вмешани во напади со дронови на руска територија.


