Кралот Чарлс и принцот Вилијам првпат објавија колку платиле данок
Британскиот крал Чарлс платил 12,9 милиони фунти данок за фискалната година 2024–2025, со што стана првиот британски монарх што јавно ги објавил овие податоци, објави Би-би-си.
Препорачано
Со тој износ, кралот се вбројува меѓу 100-те најголеми даночни обврзници во Обединетото Кралство. Во исто време, принцот од Велс, Вилијам, платил 7,76 милиони фунти данок.
Според годишниот кралски извештај и сметки, кралот за претходната година, 2023–2024, платил 11,7 милиони фунти данок. Принцот Вилијам за истиот период уплатил 8,34 милиони фунти.
Од нивните канцеларии соопштиле дека одлуката да се објават сумите на данокот, кои кралот и принцот Вилијам ги плаќаат доброволно, била нивна лична одлука.
Бакингемската палата го опишала потегот како чекор кон поголема транспарентност, со цел да се поттикне пошироко разбирање за нивната одговорност.
Откако Чарлс стана монарх, а Вилијам принц од Велс, двајцата уплатиле повеќе од 50 милиони фунти данок во британската даночна и царинска управа.
Кралот остварува годишен приход од Војводството Ланкастер, имот создаден за да му обезбеди на монархот независен извор на средства за службени и приватни трошоци. Станува збор за портфолио од земјиште, инвестиции и недвижности.
Останатите извори на приход што подлежат на данок ги вклучуваат личните инвестиции и заштеди на кралот, како и приходите од неговите приватни имоти Балморал и Сандрингам.
Принцот Вилијам приходите ги остварува од Војводството Корнвол, наследен имот вреден 1 милијарда фунти, кој се простира на 130.000 хектари. Со тие приходи се финансираат неговите службени должности, канцеларијата и приватниот семеен живот.
Вилијам објавил и дека се откажува од личниот приход од годишна кирија од 1,5 милиони фунти за напуштениот затвор Дартмур. Тој побарал парите да се издвојат од приходите на Војводството Корнвол и да се насочат за поддршка на локалната заедница, особено на руралната населба Принстаун во близина на затворот.
Принцот Хари се соочи со британскиот таблоид, има и познати сојузници: „Ни ги уништија животите!“


