Фото: принтскрин од видео од X / Kairos09

Масовни грабежи во Венецуела по разорните земјотреси

Во Ла Гуаира, денеска, десетици луѓе влегле во неколку продавници уништени во двата земјотреса што вчера ја погодија Венецуела, по што следувале триесетина последователни потреси.

Според венецуелскиот портал „Ефекто Кокујо“, групи луѓе се качувале на покривите на урнатите згради и се пробивале низ уништените улици за да влезат во објектите. Од таму земале храна, лекови, но и апарати за домаќинство, меѓу кои телевизори, машини за перење и клима-уреди.

Полиците останале целосно празни

Некои од производите ги ваделе од кутии и ги носеле во кеси. Еден од ограбените објекти бил „Фарматодо“ во карипската зона. Новинарите на агенцијата ЕФЕ успеале да влезат во една од продавниците и забележале дека полиците останале целосно празни.

„Сè се случи одеднаш… Почнаа да пробиваат ѕид на местото каде што беа грицките, соковите и другото… а јас токму таму го полнев мобилниот телефон“, изјави за ЕФЕ осумнаесетгодишниот Габриел Алдана, жител на Карабалиеда.

Додека траеле грабежите, било забележано движење на интервентни единици на патот што ја поврзува Ла Гуаира со Каракас.

Бројот на загинати се искачи на 188

Венецуелските Кариби во средата ги погодија два силни земјотреса во растојание од само 39 секунди, со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени, соопшти американскиот систем за предупредување од цунами.

Националниот центар за предупредување од цунами на Соединетите Американски Држави објасни дека земјотресите претставувале „сеизмички дублет“, феномен при кој два земјотреса со голема магнитуда се случуваат во многу краток временски период на исто подрачје.

До четврток попладне, претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригес, соопшти дека бројот на загинати се искачил на 188, а повредени се 1.520 лица. Се проценува дека се оштетени најмалку 346 објекти, меѓу кои згради, болници и трговски центри.

ВИДЕО | Катастрофален земјотрес во Венецуела — се стравува дека 100.000 луѓе загинале, Трамп вети хуманитарна помош

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот