За 3.450 денари поскапе лекот ,,мифортик” кој мора да се пие доживотно за телото да не го отфрли трансплантираниот бубрег
Во екот на кампањата за органодарителство, Фондот за здравство и неговата седумчлена комисија за референтни цени продолжуваат да им приредуваат непријатни изненадувања на пациентите. Иако власта се труди да го прикаже драстичното покачување на цените на лековите во аптеките во позитивно светло, како дел од добра политика за воведување генерички лекови на македонскиот пазар, сепак реакциите од пациентите и од нивните семејства се горки.
Препорачано
Лекот мифортик 360, кој пациентите со трансплантиран бубрег мора да го пијат долгорочно, најчесто доживотно, за телото да не им го отфрли трансплантираниот орган, а кој досега им беше бесплатен, отсега ги чини 3,450 денари. „Слободен печат“ ја провери цената во поголеми аптеки и се увери во тоа.
Промената во цената за партиципацијата е од понов датум, затоа што располагаме со фискална сметка од почетокот на јуни годинава, кога лекот бил подигнат за 0 денари на рецепт. Има пациенти со трансплантиран бубрег што го примаат овој лек над 10 години, секој ден, како дел од задолжителен протокол со други лекови за да живеат.
Нивните семејства со кои разговаравме, велат дека не им паѓа на памет да го променат лекот, дури и да имаат опција за поевтина генерика, затоа што професорите специјалисти го препорачале токму „мифортик 360“ и затоа што не сакаат да експериментираат со животот. Минатиот четврток на 18 јуни Фондот за здравство објави дополнение на шифрарникот на лековите со променети референтни цени. Со тие промени, поголема партиципација пациентите треба да плаќаат не само за „мифортик 360“ туку и за „фостер“, инхалациона пумпа против астма и хронична белодробна опструктивна белодробна болест, која од 300 сега ќе ги чини 1.081 денар.
Шифрарникот прикажува и други лекови чии референтни цени се променети. Фондот за здравство деновиве ќе излезе со образложение за овие промени, но главната причина за промената во референтните цени според наши неофицијални сознанија (тоа е делот од сумата што Фондот го покрива за лекот) е влез на генерички лекови на македонскиот пазар.
За утврдување на предлог референтните цени на лековите директорот на Фондот формира постојана комисија за утврдување на предлог референтни цени. Таа има 7 членови од кои 1 е претседател.
Членови на комисијата може да бидат лица вработени во Фондот, како и надворешни лица економисти, фармацевти, лекари или правници, од кои еден задолжително е лице вработено во Министерството за здравство. Вчера во Министерството за здравство прашавме кои се членовите на комисијата и не добивме одговор.


