Половина мандат на Владата – младите засега останаа без ветените центри, попусти и вработувања
Иако устите на политичарите во изборната кампања беа полни со ветувања за младите, сепак, на половина од владиниот мандат повеќето мерки останаа на „ќе биде“.
Младински центар во секој град, можност за секој студент да работи со скратено работно време, 5.000 обуки за дигитални вештини, попусти за театар, автобус и спортски натпревари… Владејачката партија во предизборието во 2024 година вети многу работи за да го придобие младинскиот електорат, но две години подоцна, до половина од мандатот, извршната власт ја остави областа „млади“ долу на листата на приоритети.
Препорачано
Тоа го покажува анализата „Компас“ на група организации, која открива дека од 31 следено ветување за младите, само четири се реализирани, пет се во насока на исполнување, а 22 воопшто не се реализирани.

Владата досега го испорача ветувањето за ваучери од 250 евра за електронски уреди, па започна проектот „Купи куќа за млади“, а воедно ги формираше Министерство за социјална политика, демографија и млади и Центарот за истражување на младински прашања, кој е во склоп на самото министерство.
„Некои мерки се во рикверц“
Според Ристо Савески од Младински образовен форум (МОФ), Министерството за млади е далеку од готова работа и му треба доекипирање за да биде поефективно, додека, пак, „некои мерки се враќаат во рикверц“.
„Ветувањето за 70.000 нови работни места за млади е во спротивна насока од исполнување. Стапката на вработеност на млади (15–29 години) паднала на 34,6 отсто во првото тромосечие на 2026 година, откако во 2025 достигнала 36,1 проценти. Значи, по првата година од мандатот имало околу 7.000, а сега се минус 9.600 вработени млади. Уште позагрижувачки е што во 2025 година не е реализирана ниту една обука за дигитални вештини, по 735-те обучени млади во 2024“, посочи претставникот од МОФ, организација вклучена во анализата.
Од клучните ветувања, не е развиена ниту т.н. „М-апликација за младински стандард“. Таа беше грлато најавувана со ветување дека ќе им обезбеди попуст на младите во културни установи, за јавен и железнички превоз, за спортски натпревари итн.
„Ваква апликација недостасува и воопшто не се работи ниту на бесплатен интернет во студентските и ученичките домови, читалните, младинските центри. Овие ветувања не ги гледаме како луксуз, туку се услов за младите да имаат подобар пристап до образование и услугите на институциите“, нагласува Савески.
Само еден отсто од младите сметаат дека добиваат целосна грижа од Владата
Законите и стратегиите остануваат на хартија
Претседателот на МОФ вели дека живееме во држава со добри закони и стратегии, меѓутоа, тие остануваат на хартија.
„Најдобар пример за тоа е ветувањето за отворање на 42 локални младински центри. До крај на 2025 година има само 14 вакви центри (низ цела Македонија). Во некои региони се отвораат, во други затвораат. Бројката стагнира. Исто се случува со т.н. кариерни советници, кои остануваат само на хартија“, нагласува Савески.
Младите не добија е-библиотеки по факултетите, немаа можност да работат со скратено работно време, ниту институциите ги отворија своите врати за пракса и волонтирање.
„Бројни истражувања покажуваат дека младите се апатични, незаинтересирани да се вклучуваат во општествените процеси, па оттука се запрашуваме како тоа ќе се случи ако воопшто немаат пристап до нив?“, прашува Савески.
Не е сѐ така црно… во образованието
Анализата „Компас“ покажува дека во образованието има највеќе поместувања, иако организациите го одделуваат од секторот „млади“. Во овие две години од мандатот, Владата има 12 исполнети ветувања (32 отсто), 22 (58 отсто) се во насока на реализација, две не се исполнети, а за останатите нема податоци.
Ана Мицковска-Ралева од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) нагласува дека дуалното образование е можеби најуспешната приказна.
„Бројот на компании вклучени во практична настава пораснал од 560 во 2024 на 875 во 2026, со поддршка на седум регионални центри. Инклузијата на ученици со попреченост и ранливи групи добива реална буџетска поддршка, средствата скоро се удвоени (од 520 на 927 милиони денари), а бројот на образовни асистенти се зголемил од 1.015 на 1.478“, посочува Мицковска-Ралева, иако анализа на „Слободен печат“ покажа дека ваквите голи бројки не секогаш ја даваат реалната слика, бидејќи во одредени региони постои суфицит, а некаде дефицит на асистенти, додека на некои атипични деца им доцнеше образовната поддршка и беа исклучени од настава.
Покрај тоа што буџетот за студентските домови добива замав – 489 милиони денари планирани за 2026, наспроти само 31 во 2024, сепак, длабоката реформа на високото образование останува блокирана.
Како што објаснува Мицковска-Ралева, новите закони за високо образование сè уште не се донесени, а без нив, ниту задолжителната пракса, ниту двојните дипломи, ниту меѓународната конкурентност не можат да се реализираат.
„Буџетот за наука номинално расте, но вкупните трошоци за истражување и развој остануваат на само 0,36–0,40 отсто од БДП, што е далеку зад планираниот 1 проценти. Воедно, и покрај сите позитивни движења, буџетот за образование сè уште не го достигнал ветениот праг од 5 отсто од БДП, туку останува на 3,8 проценти“, констатира таа.
Мицкоски: Само дома си е дома — ќе дојде време кога младите што заминале од Македонија ќе се враќаат


