Мемоари на преживеан од Хирошима, пронајдени во американската архива, излегуваат во јавност — ќе се снима и филм
Мемоарите на човек кој ги преживеал ужасите на Хирошима ќе бидат објавени за првпат ова лето откако беа откриени во американска архива, а врз основа на книгата ќе биде снимен и филм.
Препорачано
Мемоарите од 230 страници се напишани пред речиси 80 години од Кијоши Танимото, кој бил сведок на уништувањето на градот откако врз него била фрлена атомска бомба во 1945 година, пишува „Гардијан“.
Танимото, кој починал во 1986 година на 77-годишна возраст, бил методистички свештеник од Хирошима, кој го преживеал тој 6 август 1945 година, бидејќи превезувал стока во друг град, а кога се вратил, наишол на ужас.
Мемоарите биле пронајдени во Библиотеката за ретки книги и ракописи „Бејнек“ на Јеил, меѓу документите на Џон Херси, американскиот новинар добитник на Пулицерова награда, кој почина во 1993 година. Херси се спријателил со Танимото за време на посетата на Хирошима осум месеци по бомбардирањето, што го инспирирало да ја напише приказната во 1946 година.
Ќерката на Танимото, Коко Танимото Кондо (81), изјавила дека тој решил да ги напише мемоарите за да помогне во подигањето на свеста дека нешто вакво никогаш повеќе не треба да се случи. Таа го напиша и предговорот за книгата, во кој напиша дека имала осум месеци во времето кога била фрлена бомбата и дека не можела да живее во Хирошима со години.
– На денот кога падна атомската бомба, имав осум месеци, бебе во рацете на мајка ми. Поминаа 40 години пред таа да може да ми каже, со свои зборови, како преживеав. Малкумина зборуваа за тоа време. Нивните сеќавања ги држеа тивки – напишала таа во предговорот.
Таа, исто така, рекла дека експлозијата срамнила со земја речиси сè во центарот на Хирошима и дека температурата на ниво на земјата била околу 4.000 степени Целзиусови.
– Дрво, плочки, бетон и човечко месо биле изгорени – напишала таа.
Со години, мемоарите биле во американските архиви, а ќе бидат објавени на 6 август, денот на бомбардирањето.
Врз основа на книгата ќе биде снимен и филм, кој веќе го доби работниот наслов „Хирошима, 8.15“, врз основа на точното време кога е фрлена бомбата.
Сценариото за филмот, чие снимање треба да започне во февруари 2027 година, го напиша Фил Џоано, кој ќе го режира, додека Таминото ќе го игра познатиот јапонски актер Такехиро Хира.
Продуцентот на филмот, Доналд Розенфелд, рекол дека со денешните претстојни нуклеарни закани, филмот за Хирошима и објавувањето на приказната на преживеаниот не може да биде поактуелен.
Да потсетиме, на 6 август 1945 година, САД фрлија атомска бомба врз Хирошима за да ја завршат Втората светска војна, а според доказите, 120.000 луѓе беа убиени во првите четири дена по експлозијата – нивните тела беа изгорени и обезличени од акутна изложеност на зрачење.
Три дена подоцна, Американците фрлија плутониумска бомба врз Нагасаки, убивајќи околу 73.000 луѓе, а на 15 август, Јапонија се предаде, со што заврши војната.
Осум децении од Хирошима и Нагасаки – Да не се заборави и да не се повтори, сведочат преживеаните


