Цени на плажа во Охрид/Фото: „Слободен печат“

ФОТО | „Грчки систем“ и на охридските плажи — бесплатна лежалка со нарачани пијалак или храна

Со почетокот на туристичката сезона, цените на плажите во Охрид повторно станаа главна тема меѓу домашните туристи.

 

Охридските плажи почнаа да го применуваат таканаречениот „грчки систем“ нудејќи бесплатни лежалки со нарачан пијалак. 

Со почетокот на туристичката сезона, цените на плажите во Охрид повторно станаа главна тема меѓу домашните туристи. Годинава Охрид нуди шаренолики ценовни политики, од „грчки модел“ со бесплатни лежалки при консумација, па сè до класично изнајмување.

Плажа во Охрид/Фото: „Слободен печат“

На плажите „Градиште 2 и 3“ лежалките не се наплатуваат, а условот е да се нарача каков било пијалак или храна. На дел од плажата „Градиште 1“, цената на лежалката со чадор е 300 денари со вклучен пијалак.

– Ги поставивме лежалките и целата опрема на 10 јуни. Во овој период нема многу гужва, но системот со бесплатна лежалка со нарачан пијалак засега функционира – вели еден од вработените на плажите.

Сепак, веднаш до овие две плажи, на соседната, математиката е друга. Лежалката се изнајмува за 300 денари со вклучен пијалак по избор, што досега не беше практика за повеќето охридски плажи.

Истиот систем со бесплатна лежалка со консумација функционира и на една од плажите во областа Лагадин, која поради црквичката што е поставена таму, охриѓани ја нарекуваат „Вера, надеж и љубов“.

На сите плажи, на неколку места стои натписот дека е забрането внесување свои пијалаци и храна. Од друга страна, сликата е сосема поинаква на најголемиот дел од другите плажи низ охридското крајбрежје каде што преовладува традиционалниот начин на наплата, па таму лежалките се изнајмуваат за 200 до 300 денари, но во цената не е вклучен никаков пијалак, туку секоја нарачка од шанкот се плаќа дополнително.

Плажа во Охрид/Фото: „Слободен печат“

Оваа шареноликост во цените и услугите покажува дека Охрид годинава се обидува да се приспособи и да понуди опции за сечиј вкус и буџет, оставајќи им на туристите самите да проценат која комбинација најмногу им одговара на џебот.

На плажата „Градиште“ во делот на автокампот, има простор да се дојде со своја опрема, но просторот не е многу широк, поради камперите што го имаат зафатено првиот ред до езерото.

Има и поскапи лежалки, кои се изнајмуваат за 600 денари, на една од плажите во близина на центарот на Охрид, каде што главно одат странски туристи.

Плажа во Охрид/Фото: „Слободен печат“

Една од плажите што во последниве години се смета за градска е „Горица 3“, каде што во еден дел има лежалки за изнајмување, а преостанатиот дел е слободен за поставување сопствени реквизити.

Паркингот на повеќето плажи се наплатува обично околу 200 денари, но туристите паркираат и покрај патот и во околните шуми за да го избегнат плаќањето.

Не престанува бетонизацијата на Охрид, цените за квадрат стигнаа и до 4.000 евра

ВИДЕО | Измет во реновираниот Холандски парк во Охрид — музичарот Четкар алармира да се постават камери

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот