ВИДЕО | Измет во реновираниот Холандски парк во Охрид — музичарот Четкар алармира да се постават камери
Музичарот Владимир Четкар, јавно алармира за катастрофалната состојба со комуналната хигиена и вандализмот во Холандскиот парк во Охрид.
Препорачано
Преку видеообраќање снимено директно на местото на настанот, познатиот охридски џез, фанк и соул музичар, со неговиот препознатлив сарказам и револт го покажа новото „дело“ на несовесните граѓани, кои јавните зелени површини ги користат како тоалет.
Во своето видео, снимено во препознатливиот бунтовен стил, тој директно им се обрати на локалните власти со барање за итна реакција и поставување на видеонадзор за да им се застане на патот на овие појави.
„Здраво. Господинот ‘Сератор’ повторно се врати тука во Холандскиот парк и го направи своето ремек-дело.
Покрај ароматерапијата, во која сите заедно уживаме, и разиграните муви кои ја развеселуваат атмосферата, идеална за пикник и слични активности, би се обратил до одговорните да постават камери за овие засега непознати херои – да станат познати и да бидат богато наградени. Хахаха!“, објави Четкар којн е познат по сличните видеа на социјалните мрежи кои секогаш привлекуваат големо внимание.„Во било кој локал да влезел сигурно немало да го одбијат ако побарал да го искористи тоалетот“, вели еден коментар под објавата.
„А, не е лошо и градот и одговорните да напрват и јавни вециња ако сакаат да чекаат туристи“, се вели во друг коментар.
Холандскиот парк, кој важи за една од најубавите рекреативни зони во Охрид каде што секојдневно се релаксираат и шетаат деца, млади и туристи, е мета на вандализам. Паркот е целосно реновиран пред неколку месеци. Поставено е ново детско игралиште, кое до пред неколку месеци беше речиси целосно уништено, како и нови клупи, нови дрвени лежалки за одмор и корпи за отпад.


