Филков на удар дека е неспособен да спроведе реформи — ги игнорираше и судските службеници и пратениците
И покрај повиците на опозициските пратеници што му рекоа дека „имал најлоша одбрана на кој било закон досега“ и дека е „неспособен да спроведе реформи“, Филков не почувствува потреба ниту еднаш да стане и од говорница да каже зошто не се прифаќаат амандманите. Наместо него зборуваше пратеничката Весна Бендевска
Министерот правда Игор Филков ги игнорираше барањата на судската и на јавнообвинителската служба, кои минатата недела на јавна расправа ревносно се спротивставија на предложените законски измени во собраниската јавна расправа. Вработените во овие служби предупредија дека со вака изменети законски решенија ќе има директно мешање на извршната власт во нивната дејност, а судовите и обвинителствата ќе останат без кадар што и онака е дефицитарен.
Препорачано
Од десетиците амандмани, поднесени од опозициските пратеници врз основа на забелешките на вработените во овие служби, беа прифатени само два при второто читање на предлозите пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Филков на речиси секој амандман одговараше ноншалантно со само една реченица – „не се прифаќа, спротивен е на Законот за административни службеници“, или „не се прифаќа, усогласен е со мислењето на Министерството за јавна администрација“, евентуално „не се прифаќа, за дополнителни финансиски импликации Министерството за финансии има дадено негативно мислење“, а некои амандмани ги одбиваше и без образложение.
Така, не беше прифатено барањето вработените во овие служби во законот да се водат како судски службеници, а не државна администрација и да бидат под надлежност на извршната власт. Предложена измена беше и платите да им се пресметуваат според просечната бруто-плата во државата, а не да се врзува со минималната плата. Беше одбиено и барањето подзаконските акти да ги носи Советот на судска служба, а не министерот за правда.
Така не се прави реформа, министре!
И покрај повиците на опозициските пратеници што му рекоа дека „имал најлоша одбрана на кој било закон досега“ и дека е „неспособен да спроведе реформи“, Филков не почувствува потреба ниту еднаш да стане и од говорница да каже зошто не се прифаќаат амандманите.
– Може вие првпат сте овде да браните некој закон, но ова е најлошата одбраната што може да постои воопшто. Вие сметате дека нема доволно пари, дека не може да имаат повисоки плати и да имаат поголема независност. Ви рекле така од Министерството за финансии?! Така не се прави реформа, министре! Со други зборови, вие кажувате дека јас не сум способен да направам ништо како министер за правда – рече Соња Мираковска од опозициската НСДП.
Додека Филков беше тивок, пратеничката Весна Бендевска, која колешките ја нарекоа адвокат на министерот, неколкупати излезе на говорница и почна да ги обвинува пратениците од опозицијата дека го смениле името, дека гласале за измени на Кривичниот законик, дека оставиле пустош зад себе и дека сега тие морало да потрошат многу енергија за да направат нешто. Тие ја нарекоа Бендевска адвокат и портпарол на министерот со кого се сопартијци во ЗНАМ, партијата што е дел од владината коалиција.
Овие закони се дел од реформската агенда и треба да бидат донесени до крајот на јуни. Како што оценија од опозициските партии, на власта ѝ се брза да ги донесе законите. Комисиската расправа на која беа поднесени вкупно 105 амандмани беше прекината, а продолжението е закажано за утре попладне.
Сиљановска-Давкова ги поддржа барањата
За разлика од министерот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека барањата се оправдани и ги поддржа.
– Мислам дека на „Топ тема“ го слушав државниот јавен обвинител, кој посочи дека гледа излезни решенија во поглед на финансирањето и јас мислам дека треба да му веруваме. Инаку, што е најважно, не зборуваме ние само за платите на судиите и на јавните обвинители. Ние говориме и за многу важна логистичка поддршка во работата на судството и на судскиот совет и на другите институции. Останувам на тоа дека се во право сите во правосудните институции дека без финансиски средства не може да се има и независно судство и не само тоа, туку и ефикасно и ефективно судство – рече Сиљановска-Давкова на новинарско прашање.
Иако работните групи работеле две години на предлог-законите, сепак вкупно 83 члена биле сменети во верзиите кои биле поднесени во Собранието.
Минатата недела, претставници од повеќе судови и обвинителства пред пратениците во ресорната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците алармираа дека двата предлог-закона, наместо реформски, се дискриминирачки и ќе направат поделба меѓу персоналот во услови кога судовите и обвинителствата кубурат со кадар.
– Ваквата законска регулатива, анализирана статистички, ќе значи дека од вкупниот број на вработени во судовите, кој изнесува 1.800 судски службеници, за околу 1.550 вработени ќе важат одредбите на Законот за административни службеници и Законот за јавна администрација, што значи дека тие ќе се под директна надлежност на извршната власт, а овој закон ќе се однесува само на 300 вработени во судовите за кои ќе важат одредбите на овој закон, и ќе бидат претставници на самостојната и независна судска власт во државата. Изразено во сооднос, тоа би било 5:1 од вработените во надлежност во извршната власт спрема судската власт. Ваквиот сооднос значи дека во судската власт ќе имаме директно мешање на извршната власт и директно загрозување на независноста и самостојноста, како финансиски, така и преку политичко влијание – рекоа дел од нив и се заканија дури и со штрајк.
Претседателот на Собранието, пак, Африм Гаши најави дека законите од реформската агенда, меѓу кои и овие, веќе до 30 јуни ќе се најдат на собраниска седница.


