Зошто Кир Стармер мораше да замине?
Британскиот премиер Кир Стармер поднесе оставка, откако притисокот врз него во Лабуристичката партија стана сè посилен, а незадоволството од неговото лидерство излезе од партиските кулоари и се претвори во отворено политичко прашање, пренесе Ројтерс.
Препорачано
Стармер, кој во 2024 година ги врати лабуристите на власт по 14 години конзервативна доминација, заминува од премиерската функција како политичар кој некогаш се претставуваше како човек на стабилноста и прагматизмот, но со текот на времето сè почесто беше доживуван како лидер без јасна насока.
На почетокот, неговата победа изгледаше како голем пресврт во британската политика. По години политички турбуленции, Брегзит, внатрешни судири кај конзервативците и чести промени на премиери, лабуристите дојдоа на власт со убедливо парламентарно мнозинство.
Но многу брзо се отвори прашањето дали тоа беше победа на Стармер или, пред сè, пораз на конзервативците.
По преземањето на власта, Стармер се обиде да се претстави како сериозен и внимателен лидер, фокусиран на стабилност, економија, здравство и подобрување на работничките права. Сепак, за дел од гласачите и за дел од неговата партија, тоа не беше доволно.
Му се забележуваше дека нема голема политичка идеја, дека не нуди јасна слика за иднината на Британија и дека повеќе се занимава со ублажување на штетите од претходните влади отколку со вистински пресврт.
Во јавноста дополнително му наштетија гафови и спорни кадровски одлуки. Еден од случаите што остави сериозна дамка беше поврзан со Питер Менделсон, поради неговите познати врски со Џефри Епстајн. Тој скандал го чинеше Стармер дел од најблиските советници и дополнително ја ослаби неговата позиција.
Незадоволството во Лабуристичката партија растеше подолго време. Катастрофалните резултати на локалните избори го засилија притисокот, а победата на Енди Барнам на дополнителните парламентарни избори во Мејкерфилд му даде нова тежина на прашањето кој треба да ја води партијата понатаму.
Барнам, досегашен градоначалник на Голем Манчестер и поранешен министер во лабуристичките влади, со оваа победа се врати во парламентот. За дел од лабуристите, неговиот успех беше доказ дека тој може поефикасно да се спротивстави на партијата на Најџел Фараж.
Стармер, според објавените информации, во последните недели сè повеќе се потпирал на советите од својата сопруга Викторија. По лошите изборни резултати, првично бил решен да продолжи да се бори, но по викендот поминат со сопругата во премиерската резиденција Чекерс, ја донел одлуката да се повлече.
Пред Даунинг стрит, Стармер изјави дека ќе направи сè за да овозможи уреден пренос на власта кон следниот лидер на лабуристите. Во своето обраќање потсети дека влегувањето во Даунинг стрит било еден од најгордите моменти во неговиот живот, бидејќи по 14 години донело нова лабуристичка влада.
Тој зборуваше и за состојбата во која ја презел Лабуристичката партија, велејќи дека таа била политички, финансиски и морално исцрпена. Според него, партијата била темелно променета, бил искоренет антисемитизмот и била вратена довербата во политиките за економијата, одбраната и националната безбедност.
На крајот од говорот, Стармер беше видливо емотивен. Рече дека по напуштањето на најголемата работа во земјата, ќе ѝ се посвети на најважната работа – да биде најдобар сопруг и татко што може да биде. Потоа ѝ се заблагодари на сопругата Викторија и ја прегрна пред да се врати во Даунинг стрит 10.
Иако дома неговата позиција се распадна, Стармер имаше посилна слика на меѓународен план. Беше пофален од дел од европските лидери за улогата околу Украина, а заедно со францускиот претседател Емануел Макрон учествуваше и во дипломатски напори поврзани со Ормускиот Теснец.
Се обидуваше да изгради и однос со американскиот претседател Доналд Трамп, но и таму не помина без понижувачки моменти. Трамп јавно го исмеа, откако Стармер одби да ја вовлече Велика Британија во американско-израелската војна со Иран.
На крајот, заминувањето на Стармер не беше резултат само на еден скандал, еден изборен пораз или една лоша одлука. Тоа беше последица на наталожено незадоволство од гласачите, од партијата и од впечатокот дека премиерот кој дојде со ветување за стабилност, никогаш не успеа да покаже каде точно сака да ја однесе Британија.


