Во шест занимални во градинка во Козле ќе се приберат 300 деца, а наводно се примаат и нови – родителите поднесоа петиција
Иако од Општина Карпош тврдеа дека дел од децата во градинката „Пролет 1“ спијат на бина затоа што холот бил климатизиран и дека тоа се правело секоја година, по објавувањето на тестот на „Слободен печат“ децата се тргнати од холот.
Родителите на децата од градинката „Пролет 1“ као што најавија, во петокот испратиле петиција во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во која реагираат за лошите услови за престој на децата во градинката, во која привремено се згрижени и децата од градинката „Пролет-Канела“, односно „Пролет 2“, чиј објект започна да се гради.
Препорачано
Како што веќе објавивме, родителите бараат да се преиспита ваквата одлуката, затоа што градинката нема капацитет да прифати толку многу деца, дека има само шест занимални, па поради тоа дел од нив престојуваат и спијат на креветчиња на бината и во холот на градинката.
Покрај тоа, тие бараат и да се спроведе проценка на просторните, безбедносните и хигиенско-санитарните капацитети на објектот согласно важечките нормативи и стандарди, но и да се разгледаат алтернативни решенија за времено згрижување на децата од градинката која се урива.
Од Општина Карпош, пак, на прашањето зошто децата се префрлени во овој објект наместо во општинските бараки, како што беше најавено, тврдеа дека градинката има просторни услови за да прифати деца од две градинки, а дека децата секое лето биле сместувани во холот, затоа што таа просторија била климатизирана. Родителите негираат дека тоа е така и тврдат дека занималните имаат клима уреди, а дека минатата година сите биле сместени во холот додека им се варосувале занималните.
Сепак, по објавувањето на текстот на „Слободен печат“, како што дознаваме децата ги внеле во занимална заедно со друга група и не се веќе во холот и на бината.
Но тоа не е решение за проблемот со кој сериозно ќе се соочиме од септември, затоа што повторно останува на тоа дека во една занимална ќе бидат 40-50 деца што се невозможни услови за престој на мали деца – вели еден од родителите, потписник на петицијата.
Викендов пак, заменикот на градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски и премиерот Христијан Мицкоски го означија почетокот на изградбата на новиот објект на градинката „Пролет 2“ во Козле, кој се гради со пари од унгарскиот кредит обезбедени преку јавен повик од Владата.
Притоа Крстевски нагласи дека новата градинка ќе биде изградена според современи стандарди и дека ќе има седум занимални со капацит за 130 деца. Очекуваниот рок за завршување на изградбата е 120 дена, што значи некаде до крајот на октомври. Дали ќе биде така или изградбата ќе се продолжи како во случајот со градинката „Мајски цвет“, времето ќе покаже.
Како може да се толку контрадикторни. Таму во 7 занимални капацитетот ќе биде 130 деца ама во објектот Управа, односно „Пролет 1“ во 6 занимални може да се соберат 300 деца и тоа, според нив е во ред. Плус, имаме информации дека се запишуваат и нови деца и дека веќе им се примале документи за упис – тврдат родители.
Тие посочуваат дека доколку веќе сакале децата од градинката што се гради да ги префрлат во други градинки зошто тое не го направиле и во некои од другите клонови на „Пролет, на пример во „Бумбарче“ кај Германска амбасада, каде групите се со помал број на деца, а некои и со само 10-15 деца.


