МЕПСО предупредува: Земјоделците да не поминуваат со комбајни под далноводи
АД МЕПСО ги повикува земјоделците во периодот на наводнување и жетва, да бидат особено внимателни при користење на системите за наводнување, земјоделската механизација и другата опрема во близина на далноводите од преносната мрежа.
Препорачано
„Заради безбедност на луѓето и сигурност на електроенергетскиот систем , неопходно е да не се поминува со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците на далноводите, да не се поставуваат цевководни системи за наводнување во далноводните траси и под проводните јажиња, да не се креваат металните цевки во близина на проводниците, бидејќи металот е проводник на електрична енергија“, велат од МЕПСО.
Оттаму апелираат земјоделците да не ги поставуваат прскалките за наводнување под проводниците и во безбедносните коридори на далноводите, бидејќи, како што велат, допирот на водениот млаз со проводниците може да предизвика сериозни последици и да го загрози човечкиот живот, како и да не палат стрништа во близина на далноводи, бидејќи пожарите можат да предизвикаат прекини и оштетувања во електропреносниот систем.
„Дополнително, апелираме до спортските риболовци да бидат внимателни при користење на риболовните стапови во близина на далноводите, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите и заштитните коридори на далноводите. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствената безбедност и безбедноста на другите! Не загрозувајте ја вашата безбедност и сигурноста на електропреносниот систем!“, велат од компанијата.
Со предупредувањето, како што велат од Мепсо, се укажува на мерките за безбедно извршување на земјоделските работи во близина на далноводните траси, како и на правилното и безбедно користење на системите за наводнување, со цел заштита на луѓето, механизацијата и непречено функционирање на електропреносниот систем.
Жетвата почна, Министерството за земјоделство молчи за цената на пченицата


