„Менуваме“ ќе протестира за повеќе лични асистенти и редовни надоместоци за луѓето со попреченост
Намалувањето на часовите за лична асистенција, нередовните исплати на паричните надоместоци, доцнењата во финансиската поддршка, нерешените законски измени и недостатокот на ефикасно спроведување на политиките поврзани со попреченоста директно влијаат на секојдневниот живот на илјадници граѓани, велат од Коалицијата „Менуваме“, која на 25 јуни во 17:30 часот организира протест пред Министерството социјална политика, демографија и млади.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„За достоинствен живот“ е слоганот на протестот, а од „Менуваме“ нагласуваат дека со месеци и години, децата и лицата со попреченост се соочуваат со неизвесност дали ќе ги остварат правата загарантирани со закон.
„Правата што треба да обезбедат самостоен живот, еднакво учество и социјална инклузија премногу често се одложуваат, намалуваат или негираат“, велат од Колицијата.
Сметаат дека намалувањето на часовите за лична асистентиција, доцнењето на надоместоците и неефикасноста во политики не се само административни прашања, туку, како што велат, се прашања за достоинство, еднаквост и основни човекови права.
„Република Македонија презеде обврски според Уставот, националното законодавство и Конвенцијата на Обединетите нации за попреченост на лицата со попреченост за да обезбеди лицата со попреченост да можат да живеат независно, целосно да учествуваат во општеството и да уживаат еднаква заштита на своите права. Овие обврски мора да се преточат во конкретни дејствија“, посочуваат од „Менуваме“.
По консултации со лицата со попреченост, родителите, организациите и членовите на заедницата на лицата со попреченост, од Коалицијата „Менуваме“ до владата упатуваат повеќе барања, меѓу кое и итно враќање на 80-те часа за лична асистенција.
Потоа бараат и редовна, навремена и непрекината исплата на надоместоците за лична асистенција, но и отстранување на административните бариери и ограничувања кои, како што велат, влијаат врз ангажирањето на лични асистенти.
„Усвојување на сеопфатен Закон за лична асистенција, подготвен во консултација со заедницата на лицата со попреченост. Усвојување и спроведување на Закон за регистар на деца и лица со попреченост, развиен во соработка со репрезентативни организации. Итна исплата на сите неплатени парични надоместоци и надоместоци за детска социјална цивилна заштита за месец мај 2026. Итно поднесување и усвојување на измени и дополнувања на законодавството за детска социјална цивилна заштита, во согласност со амандманот усвоен од Парламентот во септември 2025 година, со кој се обезбедува зголемена финансиска поддршка за децата и лицата со попреченост“, бараат од „Менуваме“.
Исто така, бараат и реформа и реорганизација на Координативното тело на Владата за лица со попреченост. Односно, да се обезбеди значајно учество и лидерство од луѓето со попреченост, вклучително и да се назначи лице со попреченост за претседател на владиното тело.
„(Бараме и) сеопфатни реформи на системот за проценка на МКФ, со гарантирање на фер, транспарентни и процедури за проценка засновани на права. Создавање целосно спроведување на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2026–2034, со мерливи обврски, временски рокови и одговорност. Денес не бараме привилегии. Бараме почитување на законски загарантираните права. Бараме еднакви можности. Бараме самостоен живот, социјална инклузија и достоинство“, велат од „Менуваме“.
На крајот, посочуваат дека едно општество се мери според тоа како се однесува кон своите најранливи членови.
„Правата на лицата со попреченост се човекови права, а човековите права не можат да се одложуваат“, констатираат од „Менуваме“.
Додека се „крчка“ регистар, луѓето со попреченост остануваат само статистичка бројка


