Да се вратат 80-те часа месечно за лични асистенти на луѓето со попреченост, бара Коалиција „Менуваме“
Имавме по 80 часа месечно за личен асистент, а сега се кратат. Најпогодени се од источните делови на Македонија, таму се доделуваат асистенти по 20-30 часа месечно. Во Скопје, повеќе решенија за личен асистент не се готови, а на многумина им ги дадоа пред Велигден, значи подоцна, со цел да се изгуби правото на приговор, алармира Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“ по кратењето на бројот на часови што личните асистенти ќе ги минуваат со луѓето со попреченост.
Препорачано
Тој денес пред новинарите објасни дека 80 часа месечно значи дека личниот асистент има околу четири часа дневно за да помине со детето или со лицето со попреченост, да го прошета, да одат на лекар…
-И тие четири беа малку, а сега нема ни толку! Доколку сега добиеш 20 часа, како ќе се распоредат во 30 дена? Асистентите не сакаат да работат за 5.000 денари. Секојдневно даваат откази. Сервисот е растурен – нагласува Алишан.
Тој апелира Министерството за социјална политика, демографија и млади веднаш да излезе на терен, во спротивно ќе излезат на улица.
– Скратено ни е правото што ни го дава членот 19 од Конвенцијата на правата на лицата со хендикеп, со кој ни е загарантирано правото на движење, дружење и социјална кохезија. Часовите се намалуваат перфидно, незаконски, без никаква одлука. Мојата состојба не се смени. Јас и лани бев слеп, и годинава сум слеп. Бараме да се вратат 80-те часа за лични асистенти на лицата со попреченост – категоричен е Алишан.
Од Министерството негираат дека часовите за личните асистенти се намалуваат незаконски и тврдат дека обемот на услугата се одредува преку повеќе фактори, како поддршка од семејството, вработеност, образованието…
– Решението за услугата го носи Центарот за социјална работа врз основа на претходно преземени процесни дејствија од стручните лица во согласност со закон и подзаконски акт – велат од ресорното министерство.
Бидејќи немало разбирачка со Министерството, Алишан рече дека од премиерот Христијан Мицкоски лично ќе побараат оваа услуга да се реши на поинаков начин.
– Сега не е законски, а утре-задутре, не дај Боже, државата може да го прекине ова право. Имаме предлог оваа услуга да претрпи измени и да ја загарантираме како право, а и да ја олесниме постапката. Ако имам траен наод дека сум слеп, зошто мора секоја година да одам во Центарот за процена на асистент? Затоа асистенцијата мора да се сведе на правото на попреченоста – констатира тој.
Додека се „крчка“ регистар, луѓето со попреченост остануваат само статистичка бројка


