Уапсени уште четири лица во случајот ФФМ—одреден е притвор и мерки за присуство
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира дека се обезбедени уште четири лица кои беа недостапни во рамки на истрагата за наводните злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Препорачано
Од нив, две лица денеска беа изведени пред судија на претходна постапка. За едниот осомничен е определена мерка притвор, додека за вториот се определени мерки за обезбедување на присуство.
Преостанатите две лица, како што е соопштено, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во текот на утрешниот ден.
Со ова, бројот на недостапни осомничени во предметот дополнително се намалува, додека истрагата на ОЈО ГОКК за наводната проневера на околу три милиони евра и перење пари во ФФМ продолжува.
Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои пред два дена беа уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да одлучува по барањата на Обвинителството, додека петмина беа недостапни на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.
ФФМ за апсењето на Ѓорѓиоски: Проневерени се скоро три милиони евра
Јавниот обвинител Фатон Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои што се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Главната за финансии добила отказ во 2019 година.
Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.
Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53.351.209 денари.
– Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер – се наведува во соопштението на Финансиската полиција.
ФФМ за апсењето на Ѓорѓиоски: Проневерени се скоро три милиони евра


