Три причини поради кои вонземјаните нè ни доаѓаат на гости, според науката
Ако постојат вонземјани, зошто никогаш не сме ги виделе? Науката открива три причини зошто не нè посетуваат
До денес се откриени околу 6200 егзопланети во повеќе од 4700 планетарни системи, иако ниту една од нив не е целосно слична на Земјата или на нашиот Сончев систем. Истражувањата на јавното мислење во Австралија, Соединетите Американски Држави и други земји покажуваат дека околу една третина од луѓето веруваат дека вонземјаните веќе се меѓу нас. Сепак, иако она што го знаеме за вселената укажува дека вонземски живот можеби постои, постојат три силни научни причини зошто тие веројатно не нè посетуваат, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Вселената е неверојатно голема
За почеток, вселената е толку огромна што го надминува нашето разбирање.
Најблиската ѕвезда до Сонцето, Проксима Кентаури, се наоѓа на околу 4,3 светлосни години од Земјата, односно на приближно 40 трилиони километри.
Светлосната година е растојание што светлината го поминува за една година, движејќи се со брзина од околу 300.000 километри во секунда.
Со денешната технологија, човештвото може да патува само со мал дел од таа брзина. Дури и најбрзо вселенско летало Паркер Солар Проб, сонда на американската вселенска агенција, достигнува околу 191 во секунда, што е само мал дел од брзината на светлината.
Со таа брзина би биле потребни илјадници години за да се стигне дури и до најблиската ѕвезда.
Времето не „тече“ исто за сите
Дури и ако постоеше технологија за патување блиску до брзината на светлината, се појавува уште еден проблем.
Според теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн, времето не е исто насекаде во вселената. Колку побрзо се движи објектот, толку побавно минува времето за него. Овој ефект се нарекува временска дилатација.
На пример, астронаутот Скот Кели, по една година помината на Меѓународната вселенска станица, се вратил на Земјата малку помлад од својот идентичен брат-близнак.
Иако разликата е минимална, кај меѓуѕвездени патувања таа би можела да стане многу поголема. Патниците би се враќале во свет кој за нив би бил значително постар од оној што го напуштиле.
Енергија која е речиси невозможно да се обезбеди
Вториот голем предизвик се огромните енергетски барања за вакви патувања.
Колку поблиску објектот се движи до брзината на светлината, толку неговата маса се зголемува, па е потребна сè поголема енергија за дополнително забрзување.
На самата брзина на светлината, теоретски, масата би станала бесконечна, што би барало бесконечна енергија — нешто што е физички невозможно.
Дополнително, иако вселената изгледа празна, таа содржи доволно честички кои при огромни брзини можат да бидат смртоносни.
Тие можат да создадат зрачење и да го оштетат или уништат летелото. Дури и ретки атоми водород, при такви брзини, би се претвориле во опасно зрачење и топлина.
Можност за патување побрзо од светлината
Според некои теоретски модели, како оној на физичарот Мигел Алкубиере, патување побрзо од светлината би можело да биде можно, но би барало енергии и услови кои денешната технологија не може да ги обезбеди.
Ова поставува и едно логично прашање: зошто некоја цивилизација би трошела толку огромна енергија за да стигне до Земјата, кога напредна цивилизација веројатно би можела да ги добие истите ресурси на својата планета?
Дали нашата атмосфера би им одговарала?
Третиот проблем е самата Земја и нејзината биосфера
Животот на нашата планета се развивал милијарди години. Кислородот, кој денес е клучен за нас, настанал благодарение на древни микроорганизми кои ја промениле атмосферата.
Иако за нас е неопходен, кислородот е и многу реактивен и би можел да биде штетен за организми кои еволуирале во сосема различни услови.
Иако теоретски вонземјаните би можеле да носат заштитни одела, како што луѓето прават во екстремни услови, досегашните наводни извештаи за средби со нив ретко споменуваат таква заштита.
Дали вонземјани постојат?
Ако не се тука, дали постојат на друго место?
Тоа е едно од најинтересните прашања во науката и филозофијата. Научниците сè уште немаат конечен одговор, но активно ја истражуваат можноста.
Досега се откриени илјадници егзопланети, а во нашата галаксија постојат повеќе од сто милијарди ѕвезди, што значи дека бројот на планети е речиси незамисливо голем.
Некои од нив можеби имаат услови погодни за живот, што ја остава отворена можноста дека некаде во вселената живот навистина постои.
Каде се вонземјаните? Нова студија тврди – „заглавени“ се како и ние


