Каде се вонземјаните? Нова студија тврди – „заглавени“ се како и ние
Робин Корбет, научник од Универзитетот Мериленд во Балтимор и истражувач во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА, тврди дека причината зад неоткриените цивилизации во нашата галаксија веројатно е просечноста – сите се неверојатно просечни и можеби – прилично слични на нашата, пишува „Гизмодо“.
Препорачано
Во 1950 година, познатиот физичар Енрико Ферми го постави прашањето кое оттогаш ја окупира имагинацијата на научниците: Ако универзумот е преполн со планети и можни напредни цивилизации, зошто сѐ уште не сме ги пронашле? Оваа енигматична загатка, позната како Парадокс на Ферми, сега добива ново објаснување – „радикална баналност“.
Астрофизичарот Робин Корбет, научник од Универзитетот Мериленд во Балтимор и истражувач во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА, во новиот труд (кој сѐ уште не поминал рецензија) предлага дека можеби одговорот е едноставен: во нашата галаксија навистина постојат неколку вонземски цивилизации, но тие не се многу понапредни од нас.
„Идејата е дека тие можеби се пред нас, но не премногу – како да имаат Ајфон 42, а ние Ајнфон 17. Тоа изгледа поприродно, бидејќи не бара екстремни претпоставки“, изјавил Корбет за „Гардијан“.
Скромна технологија, скромни достигнувања
Според неговата хипотеза, позната како „Принцип на радикална баналност“, технолошкиот развој на секоја цивилизација има свој природен горен лимит. По одредена фаза на напредок, цивилизациите не успеваат да создадат технологии кои би овозможиле лесно откривање на други, ниту самите да бидат откриени.
Ваквото сценарио објаснува зошто не сме пронашле „технопотпис“ како што се вештачки радио сигнали, мегаструктури слични на Дајсоновите сфери, или траги од вонземска активност на Земјата. Корбет смета дека едноставно можеби сме опкружени со цивилизации кои се технички премногу обични за да се истакнат.
Во претходните теории, решенијата за „Парадоксот на Ферми“ честопати биле екстремни: или вонземјаните се толку напредни што не можеме да ги детектираме, или го избегнуваат контактот, или човечката цивилизација е единствена, или пак сите напредни видови порано или подоцна самите се уништуваат. Корбет, сепак, смета дека таквите толкувања се непотребно драматични.
Галаксија без спектакл
Ако неговата претпоставка е точна, нашиот Млечен Пат би можел да биде многу „помирен“ отколку што се мислеше. Можеби е полн со цивилизации кои, како и нашата, користат радио бранови, ги истражуваат најблиските планети и со текот на времето го губат интересот за космички патувања.
И покрај таа скромна слика за универзумот, Корбет не ја исклучува можноста дека еден ден сепак ќе откриеме траги од живот. Понапредните радиотелескопи би можеле да го фатат „истекувањето“ на радијациското зрачење од оддалечените планети, што би било доволно за доказ за постоење на друга технолошка цивилизација.
Но, предупредува дека и таквото откритие би можело да биде разочарувачко: „Иако тоа би имало длабоки импликации, веројатно не би значело голем скок во нашиот технолошки развој. Можеби дури би се чувствувале помалку… разочарано.“
Со други зборови, можеби одговорот на „Парадоксот на Ферми“ не е во грандиозните вселенски царства, туку во тоа што вонземјаните (како и ние), се заглавени на своите планети и едноставно – се просечни.


