Почина Славенка Дракулиќ, најпознатата хрватска писателка во светот
Познатата хрватска писателка, новинарка и есеистка Славенка Дракулиќ почина ненадејно, веднаш по објавувањето на нејзината најнова книга „Зошто не научив да готвам“ (Zašto nisam naučila kuhati), на 77-годишна возраст. Дракулиќ беше најпреведуваната современа хрватска авторка во светот, која на неверојатен начин ја опиша бурната транзиција на Балканот, а нејзините публицистички дела со децении помагаа да се разбере сè она што му се случуваше на регионот во последните четири децении.
Препорачано
Гласот на феминизмот и култните „Вештерки од Рио“
Дракулиќ кариерата ја започна како новинарка по дипломирањето на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишуваше за култните југословенски списанија „Старт“, „Данас“ и „НИН“, каде на голема врата ги воведе феминистичките теми во јавната дебата. Својот прв роман „Холограми на стравот“ (Hologrami straha) го објави во 1987 година, внесувајќи го автентичниот женски и автобиографски дискурс во тогашната книжевност.
На почетокот на деведесеттите години, заедно со уште четири авторки, Дубравка Угрешиќ, Јелена Ловриќ, Рада Ивековиќ и Весна Кесиќ, се најде на мета на напад во загрепскиот неделник „Глобус“, каде беа прогласени за национални предавнички во текстот со наслов „Вештерките од Рио“.

Светска кариера и соработка со глобалните медиуми
Овие случуваеа не ја прекина нејзината кариера. Дракулиќ продолжи да објавува исклучително важни публицистички книги како што се „Како преживеавме“, „Тие не би згазнале на мравка“, „Кафе Европа“, „Тропање на вратата на кафе Европа“, кои станаа задолжителна лектира во Источна Европа.
Нејзините текстови и колумни редовно ги објавуваа водечките светски весници како „Њујорк тајмс“, „Е мундо“ и многу други.
Освен како публицистка, Дракулиќ беше позната и како романсиерка. Во своите книги често се инспирираше од животите на силни и значајни жени, меѓу кои Фрида Кало и Милева Ајнштајн.
Во приватниот живот беше во брак со шведскиот новинар Рихард Шварц, а нејзина ќерка е авторката Рујана Јегер.
Цитати на Агата Кристи кои ќе ви помогнат да ја разберете суштината на животот


