Треска/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Забрзано никнуваат зградите на просторот кај „Треска“, повеќето станови веќе се продадени

Освен 30-ина згради кај поранешната фабрика, во ДУП-от не е предвидена изградба на училиште и градинка, а товарот на новото население ќе се почувствува и врз постојната сообраќајна инфраструктура

Наполитанките кај фабрика „Треска“ стануваат реалност. Тешко нам во Скопје и во Центар. Сѐ што ни се случува е спротивно од идеите за квалитет на живот и град по мерка на луѓето.

Ова е реакција на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ на изградбата на комплексот згради на просторот на поранешната фабрика „Треска“, кои во јавноста се нарекуваат „наполитанки“ затоа што ги има многу и се наредени една до друга.

Ја добиваме оваа грдосија. А можеше поинаку ако се реализираше решението од Конкурсот за „Треска“ каде се ревидираше планот според генералниот план, со заштита на јавниот интерес и отклонување на добар дел од недостатоците. Правото на градба на приватниот имот не им беше одземено на инвеститорите туку беше регулирано според правилата за урбанистичко планирање – посочуваат од „Шанса за Центар“.

Оттаму објаснуваат дека тој конкурс бил доказ дека може да се менува развојот на просторот доколку се направи триаголник на соработка – политичари со визија и со примарна цел да е јавниот интерес, ангажман на докажани стручни и професионални лица и соработливи инвеститори флексибилни за договор и свесни за јавниот интерес, а не само алчни.

Укинувањето на конкурсот за „Треска“ беше еднострано и незаконски од градоначалникот и останува доказ како политичката моќ не се користи за одбрана на јавниот интерес. Одлуката на Уставниот суд за укинување мораториум за ДУП забетонира бетонизација. За пожарот никогаш не се објавија податоците од истрагата – велат од граѓанската иницијатива во нивната објава на Фејсбук.

На просторот на поранешната фабрика ќе се сместат 30-тина нови згради, што според процените ќе донесат околу 30 илјади нови жители и околу 8.000 автомобили. Колкав метеж и какво оптоварување на сообраќајната инфраструктура ќе донесе оваа нова населба ќе се види кога новите жители ќе се вселат, затоа што инфраструктура околу нив не ветува дека вселувањето во новите објекти нема да предизвика уште поголем метеж од постојниот.

Ќе бидат ли улиците претесни да ги примат идните станари на комплексот „Треска“?

Изградбата на зградите веќе е во полн ек, дел од нив се во завршна фаза, а поголем дел од становите што ги нудат на продажба фирмите „Голден арт“ и „Мега акустик“, веќе се продадени. Во едната ламела на „Мега акустик“, според она што е прикажано на нивната официјална веб-страница, сите станови се продадени.

Инвеститорите најавија дека комплексот ќе биде модерен со урбана опрема и уредено зеленило, со спортски игралишта и меѓублоковски паркчиња. Меѓу станбените блокови е испланирано сообраќајното решение со подземен паркинг, пешачки патеки и тротоари со модерни канделабри, но и друга урбана опрема што ќе обезбеди непречено пристапување до домовите за новите станари. Исто така посочуваат дека во близина на комплексот се наоѓаат и три училишта – „Војдан Чернодрински“, „Киро Глигоров“ и „Песталоци“.

Но, „Војдан Чернодрински“ се наоѓа на територијата на општина Карпош, што значи дека во него не можат да се запишат центарски деца. Другите две училишта веќе се со полн капацитет и прашање е дали би можеле да издржат прилив на толку многу нови ученици.

Друг проблем се и градинките, кои не се спомнуваа при изградбата на новиот комплекс со згради. И нив ги има во близина на училиштата, но и сега и без ново население, тие се преполни и тешко се доаѓа до слободно место за упис на ново дете.

Сите овие се проблеми со кои дополнително ќе се соочат жителите на општината кога ќе заврши изградбата на зградите и едноставно е несфатливо како при планирањето на нова населба, Општината не предвидела изградба на ново училиште и градинка.

Што се однесува до сообраќајот, барем половина од новите жители секое утро ќе треба со автомобилите да излезат и да одат на работа и да се вратат потоа дома.

Уставен суд не поведе постапка за „Треска“: Устав може да се смени, ама ДУП никако, реагираат од „Шанса за Центар“

Со оглед на фактот дека овој простор е сместен помеѓу две многу фреквентни сообраќајници, „Рузвелтова“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кои се вкрстуваат на аголот пред комплексот, уште минатата година побаравме објаснување од Општина Центар како се планира влез и излез кон новите згради, а тоа да не го наруши функционирањето на сообраќајот.
– Пристапот до секоја градежна парцела се одредува исклучиво согласно одредбите зададени во ДУП, во случајов ДУП Буњаковец 2 – беше кусиот одговор од Центар.

Од она што може да се види од ДУП Буњаковец 2 пристапот од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ ќе биде преку новопроектирана станбена улица „13 Јули“, која се протега паралелно со постојната „Христо Смиренски“ и која понатаму се сече со улицата „Борка Талески“, која ќе се продолжи до „Рузвелтова“. На „Рузвелтова“ ќе може да се излезе и од постојната улица „Владимир Полежановски“, поранешна Иван Милутиновиќ.

Сите тие се станбени улици со по една коловозна лента во двете насоки широка по три метри. Од нив сите возила од новите згради ќе треба да се излезат на Рузвелтова, па оттаму на булеварите „Партизански одреди“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Несомнено е дека граѓаните во иднина можат да очекуваат значителен сообраќаен хаос во овој дел на градот..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот