Уставен суд не поведе постапка за „Треска“: Устав може да се смени, ама ДУП никако, реагираат од „Шанса за Центар“

Фото: Фејсбук страна на „Голден арт“

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката донесена во декември 2012 година за изменување и дополнување на ДУП Буњаковец 2. По спроведената анализа и прибавената документација за овој предмет Судот оценил дека наводите во иницијативата се неосновани.

 Оспорената одлука е донесена во согласност со тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Наводите се неосновани особено од аспект на законските решенија со членовите 22, 23, 31 и член 35 од Законот за урбанистичко планирање кој сега е дел од правниот поредок – соопштија од Уставен суд по завршувањето на вчерашната седница на која се разгледуваше поднесената иницијатива од адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Од „Шанса за Центар“ велат дека Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“ без расправа и повикување експерти.

За жал се потврди правилото „Устав може да се смени, ама ДУП никако“. На здравје нека се во Буњаковец: над 1 милион м2 бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП; над 60% изграденост за домување наместо 22% колку што дозволува ГУП; над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП; над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП и 0.36 м2 зеленило по жител или ич – прецизираат од граѓанската иницијатива.

Тие предупредуваат дека планираната густина на изграденост и висини не обезбедуваат минимален стандард за нормално хумано живеење, ниту доволен проток на воздух ни минимални два часа осонченост. Густата населеност, според нив ќе создаде уште подолги листи за чекање за запишување во градинка и училишта.

Граѓанската иницијатива и нејзините советници во Советот на Општина Центар подолг период се спротивставуваат и се обидуваат да спречат на просторот кај поранешната фабрика да се изградат т.н. наполитанки зацртани во актуелниот ДУП. За овој ДУП Буњаковец 1 и 2 беше изработен и елаборат за суспензија од стручната служба на Општина Центар, токму поради неусогласеноста на планот со Генералниот урбанистички план, а беше распишан и конкурс за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката „Треска“.

Од „Шанса за Центар“ повеќепати го повикаа градоначалникот Горан Герасимовски да ги презентира идејните решенија од конкурсот, а дискусија за ова прашање се разви и на една од последните седници на Советот.

Жално е што се плаќаат конкурсни решенија кога знаеме дека нема можност за реализација. Од тие конкурсни решенија во општината има реализирано само едно, училиштето „Киро Глигоров“. Останатите 9,10,15 се платени од граѓаните и тие идејни решенија не само што не се искористени, туку и никогаш нема да се искористат. Што правиме со потрошените средства, па и за ова идејно решение за кое некој однапред знаел дека не е возможно така целосно да се реализира. Зошто? Затоа што станува збор за имот што е во поголем дел приватен. Можам јас кај вас на парцела да ви цртам мене што ќе ми текне? – рече градоначалникот Герасимовски на седницата и посочи дека треба да се бара отчет зошто се потрошени пари за решенија што никогаш не се реализирале.

Советничката од оваа иницијатива, архитект Дивна Пенчиќ му посочи на градоначалникот најпрво да се запознае со тоа што е урбанистичко планирање, па потоа да зборува.

Ако нема право некој да решава што треба да има на туѓа парцела немаше да има урбанистичко планирање. Урбанистичкото планирање подразбира некој стручен да даде насоки за развој на еден град и не се прашува секој што има нивче, лозјенце, парцелче, шупа, што да се гради. Тоа некој од друга струка го прави, а не сопственикот или градоначалникот – реплицираше Пенчиќ.

Пред два месеци беше објавена визуализација на просторот, која потоа ја пренесоа неколку медиуми, со објаснување дека на местото на „Треска“ ќе се изгради модерен комплекс со ниски станбени згради со квалитетна архитектура, која ќе остави впечатлив белег во околината, со уредено зеленило, модерна урбана опрема, меѓублоковски паркови и спортски игралишта. Кој и како ја подготвил оваа визуализација, никаде не беше соопштено, но од Општина Центар, на прашањето од „Слободен печат“ објаснија дека проектот и визуализацијата се презентирани од сопствениците на земјиштето што е во рамките на градежните парцели.

Во меѓувреме, се расчисти просторот кај „Треска“ се урнаа постојните стари објекти, а во септември фирмата „Голден арт“ започна да ја гради првата зграда на овој простор, за која Општина Центар издаде градежна дозвола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот