Патарина - Фото: Рexels-davidmcelwee

Колку возиш, толку плаќаш — Грција го менува начинот на наплата на патарините

Грција се подготвува за воведување на нов модел за наплата на патарини, кој веќе успешно функционира во дел од европските земји. Целта на надлежните институции е модернизација на патната инфраструктура и усогласување со современите европски стандарди, пренесува „Нова“. 

Станува збор за таканаречениот систем на слободен проток на сообраќај, кој им овозможува на возилата да се движат по автопатите без запирање или намалување на брзината на наплатните пунктови. Воедно, се воведува и попрецизен начин на пресметка на патарината, при што возачите ќе плаќаат само за километражата што навистина ја поминале на делниците под наплата.

Ова претставува значајна промена во однос на сегашниот систем со наплатни рампи и фиксни износи. Наместо однапред утврдена сума на секоја наплатна станица, трошокот ќе се пресметува според реално изминатото растојание.

Според досегашните најави, првиот автопат во Грција што целосно ќе работи според овој модел ќе биде Северната патна оска на Крит. Планот на Министерството за инфраструктура и транспорт е овој проект да послужи како пилот-пример за подоцнежна примена на технологијата и на други важни сообраќајни правци, меѓу кои и Атики Одос и автопатот ПАТЕ.

Доколку системот се покаже успешен, во иднина возачите повеќе нема да плаќаат фиксни суми на наплатните пунктови, туку исклучиво според бројот на километри што ги поминале.

Како ќе функционира новиот систем?

Наместо класични рампи, над автопатите ќе бидат поставени дигитални портали опремени со камери со висока резолуција за препознавање на регистарските таблички, ласерски сензори за утврдување на категоријата на возилото и уреди за читање електронски ознаки за наплата.

Возилата ќе можат да минуваат без запирање и без намалување на брзината, што треба да придонесе за подобар проток на сообраќајот и намалување на метежот, особено во периодите со зголемена фреквенција на возила.

Наплатата ќе се врши целосно електронски. Корисниците ќе можат да плаќаат преку електронска ознака поврзана со корисничка сметка, додека за оние кои немаат таков уред ќе бидат достапни посебна апликација и интернет-платформа.

Автоматска евиденција на прекршоците

Властите најавуваат и строги механизми за спречување злоупотреби. Доколку некое возило помине без да ја плати патарината, системот автоматски ќе го регистрира прекршокот преку регистарската табличка.

Сопственикот на возилото ќе добие рок во кој ќе може да ја подмири обврската, а доколку тоа не го стори, ќе следува парична казна. Системот ќе ги проверува податоците за сопственикот во официјалните бази и електронски ќе ја доставува казната. Според најавите, наплатата би можела да се спроведува преку грчката даночна администрација.

Инаку, моделот на наплата според изминати километри веќе се применува на автопатот Олимпија Одос од 2021 година, но само за корисниците на електронски ознаки за наплата. Новиот систем што се планира за Северната патна оска на Крит оди чекор понатаму и би можел да стане основен начин на наплата на патарините на грчките автопати во иднина.

Одите во Грција на одмор? Новите сообраќајни казни ќе ве „изгорат“ доколку не внимавате

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот