Кафе за евро, ручек за пет евра — ова место многумина го сметаат за најевтина дестинација на Јадранот
Со приближувањето на врвот на летната сезона, малиот крајбрежен град Неум, во Босна и Херцеговина и оваа година се наведува како една од почесто бараните туристички дестинации.
Препорачано
Поради пониските цени во споредба со поголемиот дел од јадранското крајбрежје, близината и разновидната понуда на сместување, тој привлекува туристи од регионот и од странство.
Цените годинава се нешто повисоки, но и натаму остануваат пониски во споредба со повеќето локации на хрватското приморје, пишува „Радио Сараево“.
Цени на сместување
Според податоците од платформите за резервации, цените на апартманите за две лица во главната сезона најчесто се движат од 51 до 72 евра за ноќевање. Можно е да се најдат и опции со цена од 36 до 46 евра за ноќевање.
Сместувањето покрај море или со подобар поглед започнува од 153 евра па нагоре за ноќевање. За семејства со едно или две деца, цените за ноќевање се движат меѓу 72 и 121 евро, во зависност од локацијата и опременоста на апартманот.

Храна и пијалаци
Цената на кафето во повеќето кафулиња се движи од 1 до 3 евра. Цените на пиците се од 6 до 10 евра, додека порција ќебапи чини од 5 до 8 евра. Рибните специјалитети и морските плодови во рестораните се нудат по цени од 10 до 26 евра, во зависност од локацијата и понудата. Вечера за две лица со пијалак во ресторан од средна категорија чини меѓу 21 и 41 евро.
Цените во продавниците главно се слични на оние во остатокот од Босна и Херцеговина, па трошоците за исхрана можат да се намалат доколку оброците се подготвуваат самостојно.
Дополнителен трошок може да претставува паркингот, кој се наплатува од 5 до 7 евра дневно. Во некои сместувачки капацитети паркингот е вклучен во цената.
Трошок за седумдневен одмор
За две лица, вкупните дневни трошоци во текот на главната сезона се проценуваат на 82 до 143 евра. Тоа значи дека за седумдневен престој вкупниот трошок изнесува приближно од 570 до 1.000 евра, во зависност од видот на сместувањето и потрошувачките навики.
И покрај промените во цените, Неум и понатаму се смета за една од подостапните дестинации за одмор на Јадранот во споредба со поголемиот дел од крајбрежјето.


