Нема јасен сигнал за предвремени избори, ама сите се на штрек
Предвремени избори официјално не се планираат, но темата веќе ја размрда политичката сцена. Додека власта зборува за реконструкција на Владата, партиите пресметуваат кому би му одговарало ново гласање напролет, а кому само му служи како притисок.
Прво реконструкција, па можеби предвремени парламентарни избори. Или обратно: најава за предвремени парламентарни избори како обид да се изврши притисок пред реконструкцијата.
Препорачано
Затоа и најавите од премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема план за предвремени парламентарни избори, но е подготвена ако биде „предизвикана“, веднаш ја размрдаа политичката сцена.
Прашањето веќе не е само дали напролет ќе има ново гласање. Поважно е кој ја отвора темата, кому му одговара таа тема да остане актуелна и зошто се споменува токму сега, во период кога власта најавува реконструкција на Владата.
Ракавицата е фрлена
Мицкоски во повеќе наврати тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата немаат план за предвремени парламентарни избори. Според него, мандатот добиен од граѓаните треба да се истера до 2028 година.
– Ние немаме таков план – рече Мицкоски објаснувајќи дека би било неодговорно во јуни или во јули годинава да се прави реконструкција на Владата, а веќе во јануари догодина земјата да добие техничка влада.
Но, вратата не ја затвори целосно. Напротив, остави доволно простор за толкување и анализирање. Пораките од опозицијата ги опиша како „фрлена ракавица“ и порача дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш мора да биде подготвена да одговори.
Од Струмица испрати слична порака. Зборуваше за реконструкција на Владата, но и за можноста опозицијата да го добие она што, како што рече, декларативно го посакува.
– Опозицијата еден период се засили, велеа дека се консолидирани, дека им се приклучуваат голем број интелектуалци, млади, и дека се подготвени да дојдат на предвремени парламентарни избори. Јас тоа го почувствував како фрлена ракавица и во рамките на тоа, ние како ВМРО-ДПМНЕ мораме да бидеме секогаш подготвени да одговориме – порача Мицкоски.
СДСМ: Нема да бидеме алиби
Од СДСМ не ја прифатија тезата дека опозицијата е таа што ја турка земјата кон избори.
Напротив, според нив, Мицкоски сака предвремени избори затоа што нема резултати и затоа што, како што велат, „снемува пари“.
Од партијата на Венко Филипче оценија дека премиерот се обидува да си создаде политичко алиби.
– Ние нема да му бидеме алиби на Мицкоски за предвремени избори. Од нас тоа нема да го добие – порачаа од СДСМ.
Во нивната реакција се чита став дека власта сака изборната тема да ја префрли врз опозицијата, а одговорноста да ја избегне. СДСМ ја поврзува можноста за избори со економската состојба, европскиот пат и начинот на кој Мицкоски ја води Владата.
За најавената реконструкција, пак, СДСМ нема големи очекувања. Оттаму ја нарекуваат козметичка операција, а не вистинска промена во начинот на владеење.
Критиките ги насочуваат и кон ЗНАМ, оценувајќи дека наместо нова политика, јавноста гледа продолжување на истата владина матрица.
ЛДП: Преку глава ни е од избори
ЛДП настапува од друга позиција. Претседателката на партијата Моника Зајкова за „Слободен печат“ вели дека граѓаните се изморени од постојани избори и дека државата нема луксуз повторно да влегува во скап изборен циклус.
– Никој не бега од предвремени парламентарни избори, ЛДП е подготвена за самостоен настап. Меѓутоа, сметам дека е неблагодарно да се зборува за предвремени избори во ситуација кога владејачката коалиција има стабилно мнозинство во Собранието. Одржувањето предвремени избори значи и трошење огромни пари на граѓаните. Дури и кога ЛДП беше дел од Владата, а и сега кога не е дел од владината коалиција, го делеше ставот дека предвремени избори не се потребни – порача Зајкова.
Таа не ја исклучи и можноста нејзината партија да ја напушти работата за Изборниот законик доколку разговорите продолжат само во насока колку пари ќе добијат големите партии.
Многу пари се во прашање
ДУИ, пак, игра поинаку. Потпретседателот на партијата Бујар Османи во едно телевизиско гостување порача дека ДУИ е консолидирана и подготвена за предвремени парламентарни избори.
На прашањето дали на партијата ѝ одговараат избори во ваква политичка ситуација, тој одговори без двоумење.
– Апсолутно, да – вели Османи.
И пратеникот на Левица, Борис Крмов, за „Слободен печат“ вели дека евентуалното одржување предвремени избори следната пролет би се случило исклучително поради лични причини на премиерот Мицкоски, а не поради политичката криза во која се наоѓа државата.
– Владата е стабилна со цврсто парламентарно мнозинство. Зошто тогаш би оделе на предвремени парламентарни избори и би потрошиле над 10 милиони евра, пари кои би можеле да ги употребиме за подобрување на животот на граѓаните? Но, како и да е, и покрај тоа што сметаме дека предвремените избори во случајов се непотребни, Левица е секогаш подготвена и секако дека ќе настапи на тие избори – изјави Крмов.


