Филков и ОН договараат стратешко партнерство за дигитална трансформација на правосудниот систем
Министерот за правда Игор Филков имаше средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија, регионалната директорка на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги УНОПС(UNOPS), Микела Талин, претставничката на Канцеларијата на Високиот комесар на ОН за човекови права, Тања Темелкоска, и Марко Вујачиќ, раководител на програмата на УНОПС(UNOPS) за Југоисточна Европа, на која фокусот беше дигиталната трансформација на правосудниот систем.
Препорачано
Се разговарало за можностите за воспоставување стратешко партнерство во процесот на дигитална трансформација на правосудството, како еден од клучните предуслови за поефикасен, потранспарентен и подостапен правосуден систем.
Притоа биле договорени идни активности кои вклучуваат надградба на системот АКМИС, воведување електронска достава во судските постапки, унапредување на системите за аудио- и видеоснимање на судските рочишта, подобрување на поврзаноста меѓу институциите и зајакнување на сајбер-безбедноста во правосудниот сектор.
Од Министерството за правда посочуваат дека искуствата на УНОПС (UNOPS) во спроведување слични проекти во земјите од регионот претставуваат значајна поддршка за домашните реформски процеси.
Филков нагласил дека Министерството останува посветено на изградба на современ правосуден систем кој ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе биде усогласен со европските и меѓународните стандарди, при што поддршката од Обединетите нации е од особено значење за успешна реализација на реформите.


