Брана/ Фото: Слободен печат/ Архива

Граѓаните да инвестираат во ХЕЦ „Чебрен“ наместо во станови — Ристов отвора идеја за акционерски модел и енергетска револуција

Граѓаните наместо да ги „заробуваат“ своите пари во бетон и железо преку купување станови, треба да имаат можност да станат директни учесници во енергетскиот развој на државата, особено преку стратешки проекти како хидроелектраната „Чебрен“, порача Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Тој на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од „Фајнанс тинк“, истакна дека енергетиката не треба да се гледа исклучиво како државен монопол, туку како простор за пошироко општествено учество.

Ристов објасни дека при реализација на големи стратешки проекти, освен класичните модели на кредитирање и државно финансирање, треба да се разгледа и опцијата за формирање акционерски друштва во кои би можеле да учествуваат и граѓаните. На тој начин, како што рече, средствата на граѓаните би се насочиле кон продуктивни инвестиции наместо во недвижности, со што би се поттикнал и економскиот развој.

Осврнувајќи се на пошироката енергетска транзиција, Ристов нагласи дека таа е веќе реалност и дека државата мора да се прилагоди на новите европски стандарди. Како позитивен чекор ја посочи најавата за когенеративната централа во Битола од страна на ЕСМ, оценувајќи ја како сигнал за постепено напуштање на фосилните горива.

Тој додаде дека следен голем фокус на регулаторната политика ќе биде е-мобилноста, односно електрификацијата на транспортот. Според него, развиените земји веќе имаат над 50 проценти имплементација на електрична мобилност, додека Македонија е на околу 1 процент, што покажува значителен простор за напредок и развој.

Во однос на јаглеродната такса, Ристов истакна дека цената на електричната енергија не е конкурентна на европските пазари и дека регионот се соочува со ограничувања. Сепак, нагласи дека процесот на енергетска транзиција мора да продолжи, вклучително и јасно разграничување меѓу производителите од обновливи извори и оние што работат со фосилни горива.

Чебрен и Галиште ќе се градат со пари од британскиот заем, ќе чини 1,3 милијарди евра

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот